Русија за нападот во Кабул: Се потврдуваат песимистичките предвидувања
Русија и Кина денес најостро го осудија двојниот самоубиствен напад кој го изврши Исламска држава во близина на аеродромот во Кабул, во кој загинаа најмалку 85 луѓе, меѓу кои и 13 американски војници.
Русија „најостро го осудува“ самоубиствениот напад во аеродромот во Кабул, кажа денес портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
„За жал, се потврдуваат најпесимистичките предвидувања дека терористичките групи, пред сè ИСИС, сигурно ќе профитираат од хаосот во Авганистан“, им кажа Песков на новинарите.
„Опасноста е голема за сите. И тоа и понатаму е најголемата причина за нашата загриженост“, истакна тој.
Руските разузнавачки служби деноноќно работат за да спречат ширење на проблемот во соседните региони, им кажа Песков на новинарите.
И Кина денес објави дека остро ги осудува нападите во Кабул и дека се надева дека сите страни ќе преземат ефикасни мерки за да се обезбеди непречена транзиција.
Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Жао Лиџијан кажа на редовниот брифинг за новинари дека Кина не добила никаков извештај за евентуално настрадани кинески државјани.