Русија бара извинување од Европската агенција за лекови, поради навреда на „Спутник V”
Русија денескa остро ја осуди изјавата на официјална претставничка на Европската агенција за лекови (ЕМА), која итното одобрување на руската вакцина Спутник V ја нарекла „Руски рулет“.
„Бараме јавно извинување од Кристи Виртумер-Хох од ЕМА за нејзините негативни коментари кон членките на ЕУ кои директно ја одобрија Спутник V“, напиша на Твитер официјален претставник на Институтот за истражување Гамалеја и Рускиот фонд за суверено богатство (РДИФ).
„Ваквите изјави се несоодветни и го нарушуваат кредибилитетот на ЕМА и процесот на проценка спроведен од таа институција“, се вели во соопштението. Исто така, се осудува „можното политичко мешање“ во целата работа околу одобрувањето на руската вакцина.
Во неделата вечерта, претседателката на Извршниот одбор на ЕМА, Криста Виртумер-Хох ги советувала земјите-членки на ЕУ да не го одобруваат Спутник V по итна постапка, повикувајќи се на недоволни податоци за вакцинираните лица.
„Можеме да го споредиме тоа со руски рулет“, рекла Виртумер-Хох за австриската телевизија ОРФ, повикувајќи ги членките на ЕУ да почекаат зелено светло од европскиот регулатор.
ЕМА минатата недела го започнала процесот на анализа на Спутник V, по што Русија изрази подготвеност да ја испорача вакцината на 50 милиони Европејци заклучно со јуни.
Спутник V веќе се користи во 46 земји, а RDIF се спротивставил на ЕМА во вторникот за „одложување“со месеци на процесот на овластување за руската вакцина.
Унгарија веќе ја вакцинира својата популација со вакцината на институтот Гамалеа, а Спутник V е нарачан од Словачка и Чешка.
Кирил Дмитриев, шеф на РДИФ, за италијанската телевизија во неделата изјави дека соработува со фармацевтската компанија „Адиен“ и организира производство на вакцината во Италија.
РДИФ и Италијанско-руската стопанска комора подоцна потврдиле дека е потпишан договор за производство на руските вакцини во Италија.
Договорот допрва треба да биде одобрен од италијанските регулатори за да може производството да започне во првата фабрика на територијата на Европската унија.
Италијанско-руската стопанска комора вчера објавила дека почетокот на производството е планиран за јуни и дека се надева дека до крајот на годината ќе бидат произведени 10 милиони дози Спутник V во Италија.
Швајцарската фармацевтска и биотехнолошка компанија „Адиен“ со седиште во Лугано, не одговорила на барањето за коментар.