ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Ројтерс: Турски функционер откри како Трамп решил да ја повлече војската од Сирија (Видео)

Одлуката на претседателот Доналд Трамп за повлекување на американските трупи од Сирија, која му ја соопштил на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ја изненадила Турција, која мора да одговори на променетата ситуација на своите јужни граници.

Се очекувало Трамп, во телефонскиот разговор пред две недели, да ги испрати вообичаените предупредувања до турскиот претседател, поради неговите планови за почнување напад против курдските сили во североисточна Сирија, кои се поддржани од САД, кажал турски извор.

Наместо тоа, во текот на разговорот Трамп ја сменил американската политика на Блискиот Исток, напуштајќи четвртина од сириската територија, препуштајќи ѝ ја на Анкара задачата на докрајчување на Исламска држава во Сирија.

„Трамп праша: Ако ги повлечеме нашите војници, ќе можете ли да ја исчистите ИСИС?“, кажа турскиот извор за Ројтерс. Ердоган одговорил дека турските сили се дораснати на задачата.

„Тогаш направете го тоа“, кажал Трамп, како што пред неколку дена соопшти Белата куќа.

„Морам да кажам дека тоа беше неочекувана одлука. Зборот ‘изненадување’ е преслаб за да ја опише ситуацијата“, кажа функционерот, еден од петте турски извори што зборувале за Ројтерс за телефонскиот разговор на двајцата претседатели што се случи на 14 декември.

Одлуката на Трамп го шокираше и Вашингтон, каде што високи функционери во Трамповата администрација, како министерот за одбрана Џим Матис, се обидувале неколку дена да го убедат претседателот да ја смени одлуката.

Кога станало јасно дека Трамп нема да попушти, Матис и Мекгурк, кој ја координираше борбата против Исламска држава на западната коалиција, поднесоа оставки.

За време на посетата на воздухопловната база во Ирак неделава, Трамп кажа дека воените команданти постојано барале да се продолжи разместувањето на двете илјади американски војници во Сирија, што било одбиено бидејќи Исламска држава, според Трамп, е „главно поразена“.

„Жестоко ги нокаутиравме. Ќе ви кажам дека имав неколку добри разговори со претседателот Ердоган кој исто сака да ги нокаутира, и тоа ќе го направи“, им кажа Трамп на американските војници во Ирак.

https://youtu.be/YNDrRWpoGgE

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.