Романија против грчкиот предлог за патување низ ЕУ само со сертификат за вакцинација: Тоа е дискриминација
Романскиот претседател Клаус Јоханис синоќа оцени дека предлогот, сертификат за вакцинација од кoвид-19 да се користи за олеснување на патувањата на европските граѓани, не е добар и посочи на можноста за дискриминација.
Тој додаде дека верува дека треба да постојат потврди за вакцинација, но дека мора да се користат од медицински причини, пренесува Аџерпрес.
Романскиот претседател својот став го искажа на прес-конференција одговарајќи на прашањето да ја коментира идејата на Грција за единствен европски сертификат како доказ за вакцинација за граѓаните на ЕУ полесно да можат слободно да се движат.
Тој, исто така, кажа дека масовната вакцинација против ковид-19 е единственото решение што е можно побрзо сите да се вратат во нормала.
Јоханис најави и дека ќе ја прими вакцината против ковид-19 на јавен настан в петок, на 15 јануари.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера предложи ЕУ да воведе единствен (унифициран) сертификат за вакцинација против коронавирусот, кој ќе важи за сите земји членки и ќе го олесни патувањето.
Во писмото до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Мицотакис истакнува дека вакцинацијата нема да биде задолжителна или предуслов за патување, но вакцинираните лица ќе можат да патуваат слободно.