Реакции во Сараево на изјава на рускиот амбасадор за членство на БиХ во НАТО: Секоја суверена држава одлучува сама за својата иднина

Велика Британија и САД, но и локални политичари, со реакции на изјавата на рускиот амбасадор во БиХ, Игор Калабухов дека „Русија ќе реагира во случај на прием на БиХ во НАТО“.
Иако состојбата во БиХ е загрижувачка, сепак, таа е политичко прашање, а не безбедносна криза, рече британскиот пратеник за Западен Балкан, Стјуарт Пич во разговор за Хина. Но, тој додаде дека војната во Украина е предизвик кој не смее да се прелее на просторот на Балканот.
Пич го поздрави неодамнешното зголемување на бројот на војници на ЕУФОР од 600 на 1.100 и таквиот потег на меѓународната заедница, според него, е „видлива демонстрација на присутност“.
За Амбасадата на САД во Сараево, изјавата на Калабухов е закана и доцна синоќа твитна дека е „неодговорна, опасна и неприфатлива“.
„Ниту една трета страна нема право на одлука во безбедносните договори меѓу НАТО и суверените земји. Ние и натаму ќе стоиме цврсто крај БиХ додека таа ги презема неопходните чекори за да го обезбеди своите место во евро-атлантската заедница“, се наведува во твит на американската амбасада.
„Недозволива закана и напад врз суверенитетот на БиХ“, гласеше реакцијата на Шефик Џаферовиќ, бошњачкиот член на Претседателството на БиХ. Тој јавно му реплицира на Калабухов дека „БиХ, како суверена држава, сама ќе одлучува за својата иднина“.
Осуда за изјавата на Калабухов дојде и од кабинетот на претседавачот со Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ. Од таму нагласија дека одлуката за членство во НАТО е на БиХ и на никој друг.
Запрашан за „можно членство на БиХ во НАТО“, рускиот амбасадор Игор Калабухов во интервју за федералната ТВ во БиХ во вторникот истакна дека тоа е „внатрешна работа на секоја држава“, но дека „нешто друго е реакцијата на Русија“.
„Покажавме што очекуваме во примерот со Украина. Гледаме дека нема консензус и мислиме дека е нереално БиХ да стане членка на НАТО. Ќе реагираме ако има закана“, истакна Калабухов, меѓутоа додаде дека не станува збор за директна закана, туку мисли на разгледување на „геополитичката ситуација“.