ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Рашковски за обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ: Ова е лудило

Ете до кај оди лудоста, беше реакцијата на генералниот секретар Драги Рашковски на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека Владата „прави криминал со хуманитарните летови“ , земајќи наводно провизии за да ги врати дома граѓаните што се затекнати во странство. Откако прво ја обвинија Владата дека профитира со вакцините, ова е второ обвинување кое има за цел да ја наруши доверата на граѓаните во време на справување со најсериозната криза што се памети од 2001 година.

Според Рашковски, ваквите обвинувања се апсурдни, бидејќи граѓаните што се враќаат со овие летови парите за авиокартите директно ги уплатуваат на сметка на буџетот. Досега, од 27 март, организирани се осум лета со вкупен број на патници од 166 до 181, а ќе се организираат и наредните денови додека не се донесат од странство сите граѓани што се пријавиле за враќање од Европа.

Авиобилетите се пресметуваат според бројот на патниците, така што цената на чинење на летот се дели на сите подеднакво, а вообичаено е од 140 до 180 евра. За споредба, истите тие граѓани можат да се вратат во Македонија преку аеродромот во Солун кој сѐ уште функционира, но патештествието на кое се жалат некои сега ќе биде како годишен одмор, споредено со тоа што ќе преживеат ако тргнат во таква авантура. Така, на пример, од Брисел или Берлин до Солун авиокартите чинат од 170 евра за 27 часа летање, т.е. шетање по аеродроми и држави, па до 1.000 евра за 39-часовно патување низ четири аеродроми. Под услов да можат воопшто да дојдат до Брисел и до Берлин, бидејќи и Белгија и Германија имаат строги мерки за движење и затворени граници, и под услов да не им се затворат и аеродромите.

Сепак, ако се соберат сите летови досега организирани од Владата и ако се помножи бројот на патниците со висината на авиобилетот, испаѓа дека „Визер“ досега заработил максимум 250.000 евра, па дилемата е – колку треба да изнесува провизијата што ѝ ја дава оваа компанија на Владата за воопшто некој има интерес да се малтретира со организирање вакви хуманитарни летови?

Околу враќањето на нашите од странство во моментов работи тим од 25 луѓе во МНР, а тоа е многу покомплексен процес од обезбедувањето авион за хуманитарните летови. Граѓани, исто така, се собираат од граничниот премин Деве Баир, а со специјален транспорт и од други премини. На многумина им бил обезбеден и специјално организиран индивидуален превоз, а се случувало некои да одбијат да си го платат на ангажираните превозници. На Малта, пак, имало на обиди за продавање на авиобилитети за хуманитарните летови од наши иселеници, па и обиди за опструкции  на целата операција по партиска линија. Често се случувало да се пријават граѓани дека ќе летаат и на крајот да се премислат, да се успијат или да не се појават на аеродромот, што влијае на цената на авиобилетот.

За да успее враќањето, пак, се употребуваат и лични ургенции од највисоки нивоа на власта, многу телефонирања и договарања со други држави, чии граѓани се заглавени исто така во некоја од државите од каде што ние организираме лет или од нашата. И, кога ќе дојдат во земјата македонските граѓани, отпорот поради нивното враќање е дополнителен проблем, па тешко се наоѓаат  капацитети за нивно ставање во изолација.

Засега, никој официјално не може да каже до кога ќе се организираат хуманитарните летови и кога ќе се стави точка на враќањето на нашите граѓани. Според најавите, денес пристигаат авиони од Виена и од Базел, а во наредниот период, комбинирано со летови организирани од ЕУ, ќе се враќаат граѓани од Латинска Америка и од Азија.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.