Расте бројот на загинати во експлозијата во Бејрут (ВИДЕО)
Бројот на загинати во експлозијата во пристаништето во Бејрут денеска се искачи на 154, јави државната агенција ННА, повикувајќи се на либанскиот министер за здравство.
Според министерот Хамад Хасан, секое петто лице меѓу 5.000 повредени морало да биде хоспитализирано, а 120 лица се во критична состојба.
Светската здравствена организација (СЗО) побара 15 милиони долари за покривање на медицинските трошоци во Либан, по катастрофалната експлозија во Бејрут и во услови на сериозна економска криза и здравствена криза предизвикана од пандемијата на коронавирус.
Експлозијата во Бејрут уништи, меѓу другото, 17 контејнери медицинска опрема на СЗО, вклучувајќи и заштитна опрема.
Пет бејрутски болници во подрачјето погодено од експлозијата се делумно или целосно нефункционални, а според првичните извештаи, уништен е значителен број клиники за примарна здравствена заштита.
СЗО наведува дека поради штетата во болниците, вкупниот број болнички легла во Бејрут е намален за 500.
300.000 луѓе останаа без покрив над главата, вклучително и до 100.000 деца, и итно им треба сместување и храна. СЗО е загрижена дека оваа состојба може да придонесе за побрзо ширење на ковид-19.