ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Распуст до 25 март за градинките, школите и факултетите и нови, построги мерки против ширењето на корона вирусот

Утрово имавме состанок на Комисијата за заразни болести, на кој беа предложени дополнителни мерки во врска со проблемот со корона вирусот, особено по првиот случај на локална трансмисија, откако тројцата луѓе кои биле во контакт со лицата од Дебар, беа позитивни, а кои сега се сместени на Клиниката за инфективни болести, информира пред малку министерот за здравство Венко Филипче.

– На Клиниката сега се хоспитализирани седум пациенти кај кои болеста е манифестирана во полесна форма, односно нема потреба засега од механичка вентилација. Првата пациентка е целосно стабилна. Денес е испратен контролен материјал, чекаме резултати од тестот. По препораките на Комисијата, имавме состанок со управувачкиот комитет и има нови мерки кои ги предложивме на Влада, а таа ги усвои на седницата и сите важат од овој момент:

  • Да се прекине воспитно-образовниот процес и наставата во сите основни и средни училишта во наредните 14 денови.
  • Да се ослободат вработените од работните обврски во овие институции.
  • За еден родител кој има дете или деца до 10 годишна возраст, ќе му се дозволи отсуство од работа во текот на следните 14 дена.
  • Се прекинува наставата на факултетите на територија на Македонија, како и во научните институти.
  • Се забрануваат масовни собири отворени и затворени со над 1.000 учесници во наредните 14 денови.
  • Се забранува одржување спортски натпревари со публика во следните 30 дена.
  • Се воведува задолжителна самоизолација кои доаѓаат од високоризичните држави.
  • Лицата со хронични болести да намалат со движење.
  • Да се избегнуваат патувања во земји со висок и среден ризик. Се воведува и health locator карта на сите авио линии, на сите авио преозници. Тоа важеше досега само за авионите од Северна Италија.
  • Се забранува aвтобуски превоз или превоз со комбиња до високоризичните земји.

Филипче апелира родителите да го почитуваат мирувањето и седењето дома, но тоа да не се претвори во масовно посетување на игротеки, како што беше случај кога имавме епидемија на морбили.

Освен тоа, има препорака до сите органи на државната управа и локалната самоуправа и до приватните комапнии, за неодење на работа на бремените жени и на лицата со хронични болести.

– Сите организирани настани конференции и патувања се во прекин. Во сите државни институции ќе бидат дистрибуирани средства за дезинфекција. Сите мерки ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за здравство и на Владата – додаде министерот.

Филипче информира дека стотина лица вчера се изолирани, а се работи за луѓе кои присуствувале на симпозиумиот на кој била директорката на Клиниката за кожни болести.

– Тоа се 64 вработени од клиниката, дополнителни 24 лица се исто така во изолација. Другите луѓе кои беа во изолација се сопатници на првата пациентка, на број се 12. Имаме полициско обезбедување таму каде епидемиолозите оцениле дека е потребно. Тестови се прават во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, таа е акредитирана лабораторија за избрани тстови. Ние за првите неколку побаравме потврда од лабораторија во Германија која ги потврди резултатите. Такви тестови треба да се прават само таму, за да се избегне конфузија во толкувањето на резултатите – додаде министерот.

Филипче истакна дека здравјето е приоритет во моментот и дека сега не се размислува за изборниот процес и за почетокот на политичката кампања.

– Изрична забрана има за собири над 1.000 лица, а за собири до 1.000 лица, има само препорака, тоа е искуство од другите земји. Сега за изборниот процес не размислуваме. Ова се епидемиолошки индикации според кои јасно е зашто треба да важат овие мерки. Ако има потреба ќе се продолжат мерките, ќе ги продолжиме. Никако не калкулираме со почеток на кампања или партиски собири, бидејќи здравјето сега ни е врвен приоритет – потенцира Филипче.

Тој потсети дека капацитетите се целосно подготвени. На клиниката за инфективни болести рече дека има услови, дека ги има потребните респираторни машини, иако досега ниеден пациент немал таква клиничка манифестација, за да мора тие да се употребат. Според него, подготвеноста е на високо ниво, посебно и со оглед на тоа дека клиниката има направено план како да се справи со сето тоа.

– Она што сакам да го истакнам е и дека свеста кај сите патници кои доаѓаат е исклучително важна. Мнногу често се случува за кратко време, да се откријат голем број новозаболени, па една земја од средноризична, да премине во високоризична – рече првиот човек на ресорот здравство во државата.

Тој денеска разговарал со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, која му кажала дека кога има ваква итност, може веднаш да се разреши директорката на Клиниката за кожни болести и да се назначи нов в.д директор, независно од изборниот процес.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.