Рамуш Харадинај поднесе оставка, Хаг го бара да сведочи како осомничен
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај поднесе денеска оставка на својата функција. На прес конференцијата во Приштина, тој потенцираше дека причината за неговата оставка е повикот од судот во Хаг, да се јави како осомничен. Тој негираше дека е формално обвинет туку повикот до него е да се пријави и да биде сослушан во својство на осомничен.
Според Харадинај сега треба косовскиот претседател да ги започне консултациите со парламентарните партии и да ги закаже новите избори.
“ На тие избори, ќе се кандидираме и јас и мојата партија, но не можев да ја водам земјата во оваа ситуација, затоа што тоа би ја отежнало позицијата на Косово” – изјави Харадинај.
Тој ја вршеше премиерската функција во Косово од Септември 2017-тата година додека во текот на судирите во поранешната српска покраина беше еден од лидерите на таканаречената ОВК.