Радев пред новоизбраните пратеници: Да го заштитиме нашиот идентитет и правата на Бугарите
Тоа што вчера им го предочи на францускиот и германскиот колега, Макрон и Штајнмаер во Стразбур, Румен Радев го резимираше и на првата седница на новоизбраното Народно Собрание.
Македонија директно не ја спомена, иако од говорот лесно се читаше кому се адресирани пораките. Радев ги повика 240-те нови пратеници да опстојат на националните интереси.
-Неопходен е консензус за сите важни надворешно-политички теми, особено кога влогот е нашиот бугарски идентитет, нашата историја и култура и правата на нашите сонародници од другата страна на границата. , изјави Румен Радев, претседател на Бугарија
Радев за во понеделник закажа консултации со политичките партии, кога се очекува и да му го додели и мандатот на лидерот на „Продолжуваме со промените“, Кирил Петков, кој ќе има седум дена да формира влада. Денеска соопшти дека за две недели веројатно ќе се сколпи конечниот лик на новиот кабинет, заедно со бугарските социјалисти, „Има таков народ“ и „Демократска Бугарија“. Петков кој неодамна најави нов пристап кон Македонија, во денешното обраќање рече дека дека ќе ја направи Бугарија земја од доверба.
-Време е Бугарија да биде лидер во регионот и пример за добрососедство. Време е Бугарија да има углед на држава партнер, во која може да се има доверба., изјави Кирил Петков, копретседател на „Продолжуваме со промените“
Ако се суди според најавите на Петков, има само теоретски шанси Бугарија да има нова Влада до 14 декември, кога ќе се одржи Советот на ЕУ на кој ќе се носи одлука за македонските приговори. Сепак, сите пораки кои деновиве стигнаа од Софија не навестуваат кревање на бугарското вето. На денешната седница младиот адвокат, 34-годишниот Никола Минчев од партијата на Петков беше избран за нов претседател на Бугарското Собрание.