ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Радев нема да брза со давање на првиот мандат за формирање влада во Бугарија

Според Радев, 49. Народно собрание не може да си го дозволи луксузот да не донесе некои важни закони, дури и тоа да значи претходно да не се формира политичка влада во земјата
Истовремено, претседателката на пратеничката група на ГЕРБ-СДС, Десислава Атанасова, денеска за БНР изјави дека очекува најдоцна утре да почне лидерската средба на парламентарните партии од чии разговори се очекува исход во врска со прашањето за формирање владин кабинет
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека нема да брза со врачување на првиот мандат за формирање влада по парламентарните избори што се одржаа во земјата на 2 април, јавуваат медиумите во Бугарија.Според Радев, 49. Народно собрание не може да си го дозволи луксузот да не донесе некои важни закони, дури и тоа да значи претходно да не се формира политичка влада во земјата.

„Гледате дека политичката ситуација е доволно сложена и бара многу внимателен пристап, дијалог и разум од сите одговорни фактори. Консултациите ги свикав веднаш по конституирањето на Националното собрание за да биде јасна нивната одговорност за формирање влада и изготвување буџет“,

рече Радев, пренесува бугарски „Стандард“.
Бугарскиот претседател рече дека на парламентот му треба време за да ги донесе најважните закони и одлуки и кажа оти се надева дека законодавниот дом на земјата на прво место ќе ги стави интересите на народот.

„Прашањето за првиот мандат е важно, но многу поважна е државничката способност на партиите. Многу е важно каде ќе одат овие денови“,

рече Радев.
Тој повика на дијалог и зрелост, без да наведе конкретен датум кога на ГЕРБ-СДС, коалицијата која освои најмногу пратенички места во новиот парламентарен состав, ќе ѝ врачи првиот мандат за формирање влада.

Истовремено, претседателката на пратеничката група на ГЕРБ-СДС, Десислава Атанасова, денеска за БНР изјави дека очекува најдоцна утре да почне лидерската средба на парламентарните партии од чии разговори се очекува исход во врска со прашањето за формирање владин кабинет.

„Лидерските разговори најверојатно ќе се одржат за неколку часа, претпоставувам утре. Ова мора да биде во согласност со програмите на сите претседатели на пратеничките групи. Мора да има искрен разговор со сите лидери и политички групи во парламентот. Има исклучително многу предизвици“,

вели таа.Според Атанасова, при формирањето на работните тимови за консултациите за формирање предлог-владин кабинет, кој би го добил првиот мандат од претседателот Радев, се покажал разум и накратко биле надвладеани политичките ега.

Таа вели дека постојат неколку чекори.

Според неа, првиот чекор е договор со втората по голема политичка сила во новиот бугарски парламент, односно таа на Продолжуваме со промените на Кирил Петков за заеднички политики. Вториот чекор, вели таа, е договор за споделување одговорност и заемна контрола меѓу двете политички групи. Составот на Владата е последниот чекор, кажа Атанасова.

Според неа, ако нема политичко разбирање, алтернативата се повторни избори.

Коалицијата ГЕРБ-СДС на изборите победи со тесна разлика пред партијата на Петков – Продолжуваме со промените (ПП) која настапи заедно со Демократска Бугарија (ДБ). Во 240-членото Народно собрание, коалицијата на Борисов освои 69 пратенички мандати, а таа на Петков само пет помалку.

Поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата ГЕРБ, Борисов, сака да формира коалиција и да состави влада со неговиот најголем политички ривал Петков.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.