Радев и Петков со спротивни позиции за Македонија, нов повик за промени во преговорите
Несогласувањата меѓу Петков и Радев на тема Македонија се очекувани и можеа да се предвидат, смета новинарот од Софија Ангел Петров. Според него, во позадина на нивното разногласие се крие желбата на бугарскиот претседател да биде чуен и да игра важна улога при решавањето на спорот.
“Радев пред само две седмици, ако добро се сеќаваат вашите гледачи, изјави дека во посетата на Петков гледа добри сигнали. Гледа многу позитивни нешта. Тој не ја осуди посетата, не предупреди пред таа да се случи ниту за време на Консултативниот совет за национална безбедност во Софија по кој излезе онаа декларација во која ем имаше утврдување на сегашната позиција, ем имаше некои отстапки спрема Скопје и извесно омекнување на тонот. Радев едноставно се обидува да игра една игра, во која на прв поглед демонстрира сила”.
Средбата со ОМО Илинден не беше добро примена во Бугарија, продолжува Петров, а постапки кои не помагаат да се дојде до решение прави и Радев.
“Играта е повеќе за репутација, за политички образ. Тој одамна се обидува да се утврди како лесен популист, како лесен националист, патриот и заштитувач на интересите на Бугарите. Како што кај вас Пендаровски е, така да кажеме “лошото момче” во моментов по оваа тема, бидејќи секогаш позицијата му била потврда од таа на Зоран Заев.
Радев игра слична игра. Неговата основна цел е да се утврди како еден од политичарите кои се решени, преку менаџирање на спорот, да биде чувар на националните интереси”.
Во меѓувреме, над 100 професори и интелектуалци се потпишаа на отвореното писмо до македонската јавност, во кое се искажува противење за заедничко чествување на Гоце Делчев. Прашуваат – дали ова е аминувано од македонскиот дел од историската комисија со цел да и се угоди на политиката.
“Бугарското чествување би било во духот на досегашните изјави како од политичките така и од научните кругови дека Гоце Делчев е Бугарин и дека се борел за реализирање на Санстефанска Бугарија, т.е. Македонија како дел од бугарската држава. Се поставува прашањето: што е тука заедничко? Ништо”, се вели меѓудругото во писмото.