ПУТИН ОТКРИ КОЈА ВАКЦИНА ЈА ПРИМИЛ: Истата ја примила и неговата ќерка и руската војска
Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека ја примил домашната вакцина против коронавирусот „Спутник V“, како и дека неговата ќерка е вакцинирана со истата вакцина.
„Што се однесува до мене, кога го сторив тоа, а ова се случи во февруари, всушност беа во оптек две вакцини: „ЕпиВак Корона“ од Центарот Вектор во Новосибирск и „Спутник V“ од Институтот Гамалеја. Двете вакцини се добри, увери Путин за време на годишната специјална програма „Директна линија “, во рамките на која одговара на прашања од граѓаните, пренесува руската агенција ТАСС.
„Тргнав од фактот дека мора да бидам заштитен што е можно подолго и донесов одлука да ја примам вакцината Спутник V, рече Путин.
Нашите вооружени сили се вакцинирани со оваа вакцина, а јас, сепак, сум врховен командант. По приемот на втората компонента од вакцината вечерта имав температура од 37,2 степени, а веќе утрината имав 36,6 степени, откри Путин.
Тој исто така изјави дека и неговата ќерка била вакцинирана со „Спутник V“, и потенцираше дека вакцината е потребна и дека не носи сериозни последици.
„Постојат луѓе со различна конституција на телото, со хронични заболувања и постари лица, таканаречени ризични групи. За нив ова е опасно по живот. „Инокулацијата, сепак, не е опасна и немавме никакви компликации во нашата земја“, констатира рускиот претседател Путин.
Истовремено нагласи дека досега се вакцинирани над 23 милиони Руси и дека за среќа немало трагични случаи по вакцинирањето, како што рече, што беше случај по употребата на вакцините „АстраЗенека“ или „Фајзер“.
„Со цел да нема повеќе локдауни, регионите воведуваат задолжителна вакцинација, а понатамошното ширење на инфекцијата може да се спречи само благодарение на вакцинацијата“, рече Путин.