Путин бара Западот веднаш да обезбеди безбедносни гаранции на Русија
Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Москва ја одржа својата редовна годишна прес конференција. Тој рече дека постои надеж во однос на претстојните разговори со САД и побара од Западот веднаш да ѝ обезбеди безбедносни гаранции на Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин побара од Западот „веднаш“ да и обезбеди на Русија безбедносни гаранции. Оваа негова изјава доаѓа во период во кој има растечки тензии поради трупањето руски војници на границата со Украина. Говорејќи на својата годишна прес-конференција денеска Путин одговори остро на новинарско прашање за намерите на Русија и упати низа обвинувања за Украина и за НАТО.
„Вие нас треба да ни дадете гаранции. Вие! И тоа не со задоцнување! Сега!“ рече Путин одговарајќи на прашање на новинарот на Скај њус.
Рускиот претседател ги повтори тврдењата на Кремљ дека Соединетите Американски Држави поставиле ракетни системи на границата со Русија. Се чини дека тој мислеше на противракетните системи што Соединетите Држави претходните години им ги распоредија на Романија и на Полска со кои се сојузници во НАТО. Вашингтон инсистираше на тоа дека системите и се потребни за одбрана на Европа поради заканите од иранските проектили, а дека се неефикасни против рускиот арсенал.
„Дали ние поставивме ракети покрај американските граници? Не. САД со неговите проектили дојдоа во нашиот дом и на прагот на нашиот дом… Дали е тоа необично барање? Не поставувајте повеќе системи за напади до нашиот дом?“ рече Путин.
Одговарајќи на друго прашање рускиот претседател кажа и дека постои надеж во однос на претстојните разговори со САД. Прашан дали мисли дека е веројатна нова војна меѓу Русија и Украина тој одговори дека реакцијата што Москва ја добила од Вашингтон за списокот со барања за НАТО и европската безбедност е „позитивна“.
Русија на 17 декември објави список барања за кои сака да преговара со Соединетите Американски Држави и НАТО. Во предлозите објавени од руското Министерство за надворешни работи се бара прекин на проширувањето на НАТО кон исток и ограничувања на воената активност на алијансата во Источна Европа, вклучително и соработката со Украина и Грузија. Американските и руските дипломати треба да се сретнат на нови разговори некаде по Нова година, наводно во Женева.