Професорот Калајџиев го прашува министерот за правда како е можно да има меѓународни истраги за пресудени предмети
Се моли министерот за правда да објасни како тоа ќе има меѓународни истраги за пресудени предмети?! Ова е фејсбук-постот на професорот по кривично право Гордан Калајџиев по договорот меѓу премиерот Зоран Заев и Африм Гаши, претседателот на Алтернатива да има меѓународна истрага за неколку завршени судски случаи за кои двајцата оцениле дека „има политичка импликација“.
Многумина оценуваат дека невообичаено е резултатот на политичките преговори за извршната власт, да биде донесен заклучок за судската власт.
Портпаролот на Алтернатива Орхан Муртезани вчера изјави дека Заев и Гаши се договориле Владата да побара меѓународна истрага за судските пресуди каде што има сомневања за политичка импликација како што се Монструм, Алфа, Диво Насеље, случајот со Алмир Алиу…
Денеска обајцата појаснија дека Владата ќе испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание, како што се: Монструм, Алфа, Диво Насеље, малиот Алмир…