ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

ПРОТЕСТИ И БЛОКАДИ ВО БЕЛГРАД И ШИРУМ СРБИЈА, ЕВИДЕНТИРАНИ НЕКОЛКУ ИНЦИДЕНТИ

Во Белград и во над 50 населени места ширум Србија на повик на иницијативата „Тргни промени“ и голем број движења собрани околу Еколошкото востание денеска се одржаа повеќечасовни масовни протести со блокади на повеќе патни магистрали, меѓу кои и Ибарска магистрала, со учество на повеќе илјади граѓани, на кои беа забележани неколку инциденти.

Протестите се организираа со барање за ослободување на сите уапсени во протести од минатата сабота, повлекување на Законот за експропријација и измени на Законот за референдум и народната иницијатива, а на истите не беше видливо присуството на унифомирираната полиција.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој беше на средба со граѓаните во околината на Лозница заради изградба на рудникот за литиум на Рио Тинто изјави дека нема да го укине Законот за референдум, наведувајќи дека Србија нема да ја водат оние кои нема да победат на изборите.

– Саво Манојловиќ (активист на Тргни промени) изјави дека ако не го укинам Законот за референдум, а не ми паѓа на памет да го укинам, веќе го потпишав. Ниту Рокфелер, ниту Манојловиќ нема да ја водат Србија, освен ако не победат на избори, истакна Вучиќ.

Најмасовни протестите беа во Белград, на мостот Газела, како и на Мостарскиот јазол и Славија, кај Сава Центар, а блокади имаше и на Панчевскиот мост, Пупиновиот мост, Теразије, Бранковиот мост и во друго делови на Белград. Беа забележани неколку инциденти и провокации, меѓу кои и фрлањето на факели на група од 20 маскирани лица од мостот Газела врз демонстраните. Во Белград меѓу демонстрантите беа и лидерите на опозицијата, меѓу кои Драган Ѓилас, Мариника Тепиќ, поранешниот премиер Зоран Живковиќ и други.

Протести со блокади се одржаа и во Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Крушевац, Ужице, Зрењанин, Јагодина, Нови Пазар, Лесковац, Врање, Шабац или во околу 50 градови во Србија.

Четворица студенти беа нападнати и претепани во Нови Сад од триесетина млади момчиња, сите облечени во црно. Марко Максимовиќ, еден од претепаните студенти, за Н1 изјави дека тој и тројца негови другари биле тепани и малтретирани без причина.

Српското Министерство за внатрешни работи соопшти дека секоја сообраќајна блокада и одржување нерегистрирани собири е прекршување на законот и дека целата одговорност за се што може да се случи на ваквите собири е исклучиво на нивните организатори.

Еден од организаторите на протестот, Манојловиќ од организацијата Тргни промени, за Н1 изјави дека е тешко да се процени колку луѓе имало на денешните протести, бидејќи тоа би било субјективно и додаде дека нема да се откаже додека не се повлече Законот за експропријација и измените на Законот за референдум и народни иницијативи.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.