Протести во Бугарија: Мафијата не може да го реформира правосудството
Илјадници Бугари се собраа вчера пред парламентот во Софија во еден од најмасовните протести во изминатите два месеци. Демонстрантите бараат оставка од трикратниот премиер Бојко Борисов и тврдат дека олигархиската мафија ја презела контролата над државата преку влијанието врз правосудството, медиумите и апаратот за државна безбедност.
Борисов преброди неколку политички бури, од тајните снимки на кои ги пцуе политичките противници до протечените фотографии на кои се гледа како спие со пиштол покрај креветот. Меѓутоа, протестите на кои се бара оставка и на државниот обвинител Иван Гешев привлекоа десетици илјади граѓани. Тие ги обвинуваат Борисов и Гешев дека не се борат против корупцијата која го поткопува владеењето на правото и им угодува на моќните тајкуни во најсиромашната членка на Европската Унија.
Вчерашниот протест беше одржан за време на првата седница на парламентот по летната пауза. Демонстрантите го нарекоа „Големо национално востание“ како одговор на владиниот план за нов устав.
Претседателот Румен Радев во собранието повика на оставка на владата од десниот центар и апелираше до пратениците да ги отфрлат плановите за нов устав.
„Не го изнесе недостигот од устав народот на улиците, туку недостигот од морал во раководството, ерозијата на државноста и корупцијата“, кажа тој.
61-годишниот Борисов, поранешен пожарникар и телохранител, кон средината на август на барањата на демонстрантите да се повлече одговори дека ја разбира „длабоката желба за промена“ во Бугарија и понуди „рестарт“ преку промена на уставот.
Тактика за подолго да остане на власт
Вети дека ќе се повлече ако парламентот го усвои неговиот повик да се избере големо национално собрание кое би го изгласало новиот устав кој би ја унапредил независноста на правосудството и би го преполовил бројот на пратеници.
Демонстрантите, како и опозициските партии, го отфрлија тој предлог како тактика за Борисов подолго да остане на власт бидејќи гласањето за тоа дали Бугарија треба да добие нов устав може да се одржи најрано во ноември.
Неговите противници исто така оценија дека неколкуте предложени реформи само дополнително би го поткопале владеењето на правото во корист на шефот на мафијата кој, како што веруваат, има заштита од премиерот.
„Може ли мафијата да го реформира правосудството? Одговорот е не!“, кажа претседателот Радев околу предложеното „рестартирање“. Радев е поврзан со бугарската Социјалистичка партија.
Бугарија, поранешна држава од советскиот блок со седум милиони жители, има трома економија и, според Транспаренси интернешнел, е најкорумпираната членка на ЕУ, на која ѝ се придружи во 2007 година. Постои страв дека новата уставна рамка ќе ги намали овластувањата на претседателот, вечниот непријател на Борисов, а дека нема да наметне значителна контрола на семоќното обвинителство.
Христо Иванов, поранешниот министер за правда и лидер на партијата Да, Бугарија, ѝ пиша на шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен да ѝ објасни дека ова што се случува го смета за димна завеса.
„Наместо да издејствува одговорност на (државниот) обвинител… тоа ја елиминира дури и постојната, минимална контрола врз неговите именувања и акции“, напиша Иванов.
„Предложениот „нов устав“ на Борисов не е ништо друго освен уште еден обид за измама, маневрирање и добивање на време и, суштински, се заканува значително да ја влоши ситуацијата“.
Расте загриженоста на Брисел
Бриселски Политико пишува дека збрката околу владеењето на правото е повеќеслојна и дека достигнува до прашања како нелегалното градење на олигарсите до нивното непримерно користење на агентите на државната безбедност.
Највпечатливите откритија се однесуваат на тоа во која мера правосудството се користи за пресметка меѓу олигарсите и рекетирање на бизнисмените, наведува Политико.
Кризата која ја зафати Бугарија почна да ги загрижува и Брисел и Берлин.
Партијата на Борисов ГЕРБ е членка на Европската народна партија (ЕПП), политичкото семејство кое ги вклучува Христијанските демократи на германската канцеларка Ангела Меркел.
Пропустите на Бугарија на полето на владеењето на правото со години го ескивираат надзорот на ЕУ на кој се изложени Полска и Унгарија затоа што Борисов избегнува идеолошки војни со Брисел и секогаш е спремен на европската сцена да им искаже лојалност на Меркел и на ЕПП, наведува Политико.
Неговата способност да избегне меѓународни кризи е сѐ помала и бугарската криза дури даде знак за тревога меѓу редовите на Меркелините демохристијани.
„Јасно е дека мораме сериозно да разговараме со владата на Бојко Борисов, без ако и ама“, кажа Гинтер Кришбаум, демохристијанин кој претседава со одборот на Бундестагот за европски прашања.
„Тие нешта се неприфатливи. Пристапот на Бугарија кон ЕУ е поврзан со јасни ветувања и очекувања, а на граѓаните на Бугарија сега им се скратени нивните плодови на членството во ЕУ“.
Политико додава дека сѐ поголема загриженост поради Бугарија е видлива и во Европскиот парламент, каде Мониторинг групата за демократија, владеење на правото и фундаменталните права минатата недела се занимаваше со теми како главниот обвинител и улогата на фондовите на ЕУ во корупцијата.
Сѐ почна со знамето
Немирите почнаа кога поранешниот министер за правда Иванов со уште две лица доплови до плажа во близина на црноморското пристаниште Бургас и се обиде да забоде бугарско знаме. Плажата, наводно јавна, се наоѓа во близина на вила во сопственост на Ахмед Доган, поранешен политичар на ДПС партијата на етничките Турци, со матни бизнис интереси, објави Гардијан. Припадниците на службата за државна безбедност грубо ги оддалечиле тројцата мажи и го фрлиле знамето во морето.
По овој инцидент, тројно се зголеми поддршката на коалицијата на десниот центар на Иванов, Демократска Бугарија.
Гардијан наведува дека целта на епизодата била да се „врати“ плажата и да се истакне она што Иванов го опишува како „влада која буквално зависи од Дељан Пеевски“, медиумски тајкун и пратеник исто така од ДПС. ДПС е формирана да ги штити правата на турското малцинство кое го угнетувал претходниот режим, но Пеевски наводно ја искористил влијателната улога во парламентот за да стане главен играч во бугарската економија. Тој поседува неколку градежни компании и, како што се проценува, 80 отсто од бугарските печатени медиуми.
Акцијата на Иванов имаше одек кај многу Бугари и предизвика кавга меѓу Борисов и Радев околу заштитата на Доган и Пеевски, која е финансирана од државата. Обвинителството наложи претрес на кабинетот на Радев и апсење на двајца негови советници, што го разгоре гневот на јавноста.
Во текот на 15-те месеци на функција министер, во 2014-2015, Иванов тргна во амбициозна мисија на реформа на правосудството и ограничување на влијанието на обвинителството врз остатокот од системот. Се обиде да се пресмета со некои влијателни судии и отвори истраги кои можеа да стигнат до највисоките функционери на судската и извршната власт.
Меѓутоа, набрзо пропадна неговиот обид однатре да го смени системот. „Знаев дека времето ми истече кога стана јасно дека нема да има сериозни истраги, дека Европската комисија нема да ги поддржи моите повици на истраги, а собраниското мнозинство ги отфрли уставните амандмани на кои инсистирав“.
Иванов нема илузии за потенцијалната улога на ЕУ во реформскиот процес во земјата. „Подоцна сфатив дека мораме да престанеме да се надеваме дека некоја надворешна сила ќе ни помогне“, кажа тој.
Иванов го спореди Борисов со поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, кажувајќи дека го има „истиот коруптивен шарм и навиката да ги искористува медиумите“.