Претседателот Иванов со политичка порака ја отвори конференцијата по повод илјадагодишнината од Самуиловото царство во Охрид
Претседателот Ѓорѓе Иванов обраќањето пред учесниците на првата Национална конференција за византологија и медиевистика насловена „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“ што денеска ја отвори во Охрид го искористи да направи паралела меѓу околностите што придонеле за пропаѓањето на Самуиловото царство со актуелните случувања во Република Македонија во кои централната улога ја играат политичките елити.
– Пред еден милениум Самуиловата држава се соочувала со слични предизвици како и современата македонска држава – Република Македонија. Тие предизвици се негирање, непризнавање, обиди за блокада, изолација, погрешно именување. Од нас зависи дали ќе ја зачуваме академската слобода или на идните генерации во наследство ќе им оставиме цензурирана и фалсификувана историја, истакна Иванов.
За Иванов АСНОМ-ска Македонија е фиданка што изникнала од коренот од кој изникнала и Самуиловата држава на која, како што предупреди, „се прават обиди да и се накалеми туѓа гранка“.
Со Договорот од Преспа, според Иванов, се негира правото на самоопределување, се негира правото на слобода на мислење и изразување гарантирани со Универзалната декларација за човекови права.
Како причина за пропаста на Самуиловата држава тој ја посочи превртливоста на нејзините елити, кои за титули, инсигнии, стипендии и престиж ја менувале страната, правејќи паралела дека нешто слично се случува и денес.
Според него, Договорот од Преспа има за цел од нас да направи фуснота во нечија туѓа верзија на историјата, и со тоа да го затвори поглавјето за самоопределување на македонскиот народ и неговата суверена и независна Република Македонија, рече Иванов, истакнувајќи да не се дозволува политизирање на историската наука и „создавање политички коректна историја“.
На дводевната конференција во Охрид, што се одржува со поддршка на Меѓународната асоцијација за византологија, со свои трудови ќе се претстават 42 пријавени византолози, медиевисти, историчари, археолози, историчари на уметноста, теолози, лингвисти, музиколози и класичари кои се занимаваат со проучување византиското културно наследство и средновековната историја.