„Преспанскиот е реалност иако не ни се допаѓа“- опозицијата најавува дека нема да го крши Уставот

Преспанскиот договор ни го донесе Зоран Заев и пратениците во Собранието. Иако не се оствари подобриот живот кој ни го ветуваа, вели лидерот на опозицијата, договорот мора да го почитуваме инаку ќе имаме проблем со институциите, е ставот на Мицкоски.
Тој сепак, не се откажува од менување на моменталната реалност, која ја нарече болна и понижувачка за Македонците.
„Дали таа реалност ни се допаѓа? Не ни се допаѓа, но доколку не ја почитуваме ќе имаме проблеми со судство, обвинителство…Дали ќе работиме еден дон доколку имаме можност да ја промениме – да, ќе работиме”, рече Мицкоски.
По последните случувања во дел од македонските општини кои решија да не ја употребуваат придавката од новото уставно име, реакција дојде од Грција. Ако се врати националистичката реторика, ќе мораме да ја преиспитаме поддршката за Македонија на евроинтегративниот пат, вели алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис.
За време на комисијата за европски прашања во грчкиот Парламент, министерот изрази загриженост за случувањата во земјава и истакна дека правилното спроведување на Договорот од Преспа е еден од предусловите во преговарачката рамка.
„Пораката до Северна Македонија е јасна. Враќањето на националистичката реторика ќе не доведе до редефинирање на нашата национална позиција за поддршка на процесот на проширување. Еден од неизбежните предуслови е верното и правилно спроведување на Договорот од Преспа”, напиша по седницата грчкиот министер на Твитер.
Инаку на дебатата во грчкиот парламент присуствуваше и министерот за надворешни работи на Словенија Логар, кој не изрази оптимизам за бугарска деблокада во декември, напоменувајќи дека речиси е невозможно Македонија да ги почне преговорите за време на словенечкото претседателство.