Премиерот вели дека уставните измени нема да станат заложник на Мицкоски, од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека заложник е тој – на ДУИ и Ахмети
Јас верувам дека нашата држава има капацитет, пред се демократски, меѓутоа и европски капацитет и визија и оваа одлука која е потребна за продолжување на нашиот европски пат нема да биде заложник на личната кариера на само еден човек во државата, кој е подготвен заради својата лична фотелја да ризикува прекинување на еден процес кој значи обезбедување на полноправно членство во Европската Унија, рече премиерот
На изјавата на Ковачевски веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, чиј портпарол, Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција, рече дека единствениот заложник е Димитар Ковачевски – заложник на ДУИ и на Али Ахмети. Тој го повика премиерот веднаш да ги стави уставните измени на дневен ред
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека уставните измени нема да се одложат и дека овој процес, кој е важен за продолжување на европскиот пат на земјава, нема да биде заложник на „личната кариера на еден човек“.Иако, премиерот не кажа со име и презиме кој е тој човек, повеќе од јасно е дека мислеше на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој изминативе денови во повеќе наврати истакна дека иако има притисоци за уставните измени, тој нема да отстапи ниту милиметар од своите и позициите на партијата.
Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека тимот, односно работната група која треба да ги подготви амандманите за уставните измени ќе биде формирана во Министерството за правда и во неа ќе членуваат врвни експерти од областа на уставното право. Во тимот, посочи премиерот, ќе има и претставници на политичките партии, бидејќи, како што рече, за овој процес е потребен широк општествен и политички консензус, кој ќе биде потребен и во иднина, се до финалното зачленување во Европската Унија.
„Уставните измени нема да се одложат. Со формирањето на експертската група и со нивната работа практично ќе започне процесот кој потоа нормално ќе влезе и во процедурите кои се пропишани со закон. Јас верувам дека нашата држава има капацитет, пред се демократски, меѓутоа и европски капацитет и визија и оваа одлука која е потребна за продолжување на нашиот европски пат нема да биде заложник на личната кариера на само еден човек во државата, кој е подготвен заради својата лична фотелја да ризикува прекинување на еден процес кој значи обезбедување на полноправно членство во Европската Унија, кој со себе носи зголемени инвестиции, зголемени работни места, зголемени плати, повисок животен стандард за граѓаните, врвни институции, врвно европско законодавство, тука во нашата држава, бидејќи и нашите граѓани сакаат и заслужуваат да живеат во Европска Унија, меѓутоа во Европска Унија тука во својата држава, а не во Европска Унија во туѓина“,
изјави денеска Ковачевски кој денеска зедно со министерот за економија, Крешник Бектеши беше во посета на компанијата „Везе Шари“ во Џепчиште, Тетовско.
На изјавата на Ковачевски веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, чиј портпарол, Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција, рече дека единствениот заложник е Димитар Ковачевски – заложник на ДУИ и на Али Ахмети. Тој го повика премиерот веднаш да ги стави уставните измени на дневен ред.