Предметите поврзани со корона вирусот ќе бидат приоритетни за Обвинителството
Јавното обвинителство ја прифати препораката на Владата од вчерашната седница итно и приоритетно да постапува по предметите што се во врска со одлуките и мерките за спречување на корона вирусот.
„Во постапувањето на основните јавни обвинителства приоритет им се дава и веднаш се земаат во работа кривичните пријави кои се однесуваат на кривични дела во врска со донесените одлуки, мерки и препораки од други надлежни институции за справување со појавата и ширењето на корона вирусот COVID-19“, информира Јавното обвинителство.
За таа цел, како што стои во информацијата, Јавниот обвинител вчера донел задолжително упатство со кое се задолжуваат јавните обвинители на Вишите јавни обвинителства и јавните обвинители на Основните јавни обвинителства извршувањето на функцијата на Јавното обвинителство да ја организираат и согласно заклучоците на 19. седница на Владата. Така, во постапките веднаш ќе се земаат во работа кривичните пријави кои се однесуваат на кривични дела, како што се пренесување заразна болест, непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, несовесно лекување болни, неукажување медицинска помош, спречување службено лице во вршење на службено дејствие, напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста, организирање на отпор, како и кривични пријави од надлежни институции во врска со донесените одлуки, мерки и препораки од други надлежни институции за справување со појавата и ширењето на корона вирусот COVID-19.
Дежурствата се остваруваат согласно донесените распореди, а доколку треба да се преземат повеќе дејствија се ангажираат и други јавни обвинители и административен персонал, се вели во информацијата.
Исто така, во информацијата се објаснуваат и други мерки кои се однесуваат на работењето на вработените во обвинителството, организацијата на работат, како и за мерките за дезинфекција и заштита за вработените и за странките.