Преговори за Изборниот законик: По какви правила ќе се избираат градоначалниците?
Политичките партии ги почнаа разговорите за измени во Изборниот законик. Консултациите се водат онлајн и преговарачките тимови не откриваат детали за процесот. Двете најголеми партии согласни се за воведување на една изборна едница, но разлики имаат за изборот на градоначалници.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат промена на моделот за спроведување на локалните избори. Предлагаат да нема втор круг за избор на градоначалник и совет.
„Како едни од основните работи на маса за разговарање се една изборна единица, отворени листи, но и нашиот предлог е тоа да има еден круг на локалните избори оваа година, но и во иднина. Ние го бараме тој еден круг за да има и помали трошоци но и граѓаните кога ќе излезат, само со едно излегување на овие избори да одберат кој ќе биде градоначалник. Мислам дека е тоа легитимно барање и многу практично барање“, вели Владо Мисајловски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на СДСМ, се надева на успех во преговорите иако како што вели, до сега со Мицкоски не успеал да се договори за ништо. Заев поддржува една изборна единица но смета дека со барањето за избор на градоначалници во прв круг, штета ќе има за малите партии.
„Го имаме гајлето како најголема политичка партија и најбројна во државата по број на пратеници да води грижа за консензус, ќе гласаме или нема да гласаме, а сакаме сите да ги убедиме со консензус да ги носиме одлуките. Опозицијата вели во прв круг да се бираат градоначалниците. Ако се пет градоначалници со 17,2 % може да биде избран градоначалник. Тоа е демократски исправно или не е? И ако каже Заев, ОК, опозицијата бара ние прифаќаме, што ќе кажат граѓаните, што ќе кажат малите партии што имаат само шанса во втор круг ако им помине кандидат да има шанса да стане градоначалник? Мораме да водиме грижа за сите аспекти“, вели Зоран Заев, Премиер.
Експертите се согласни дека се неопходни измени во изборниот законик, но сметаат дека и понудените решенија имаат недостатоци.
Што се однесува на една изборна единица, тоа е добар модел меѓутоа најмногу би загубиле помалите општини поради тоа што сите калкулации ќе се направат да се собира што повеќе гласови од поголемите метрополи или поголемите градови, така да тоа би влијаело да падне застапувањето на руралните места и помалите градови“, вели Сефер Селими, Демократска лабораторија.
Политичкиот аналитичар Божиновски пак вели дека постојат модели како локалните избори да се спроведат само во еден круг.
„На пример избирачот да има можност да одбере приоритетен градоначлник под број еден и потоа да стави и доколку не се избере тој, под број два. На тој начин веќе може да се избере градоначлник и во првиот круг со висок легитимитет“, вели Владимир Божиновски, Аналитичар.
Во меѓувреме владеачката партија најавува дека во соработка со ДИК ќе се набават апаратите за отпечаток од прст кои како услов за учество на локалните избори го бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ.