Пратениците треба да одговараат пред граѓаните, а не пред партиските лидери

Ќе биде прашање на јавен притисок, но мора да има консензус за измените во изборниот законик. Измените во Изборниот законик со промена на изборниот модел повторно се во фокусот на разговорите. Одново се отвора можноста за отворени листи и една изборна единица, но до кога ќе биде постигнат договорот засега е неизвесно. На инсистирање на помалите политички партии, кои пред секои парламентарни избори очекуваат столче во македонскиот парламент, ваквата можност сега ја најави и новоизбраниот министер за правда Бојан Маричиќ. За една изборна единица во цела територија наместо досегашните шест, министерот вели дека има зелено светло од актуелното мнозинство, но ќе бараат поддршка и од другите партии.
Концептот на отворени кандидатски листи, ценат експертите, ќе овозможи да се предлагаат и избираат кандидати со кредибилитет кои ќе одговараат пред граѓаните, а не пред партиските лидери. Партиите водат сметка кој добива кој губи од измените во изборниот законик и за можноста за една изборна единица, но измени во секој случај се потребни и мора да се размислува долгорочно. Тоа, секако, би значело поголема шанса за помалите партии, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР Сашо Клековски од МЦМС.
-Без оглед на тоа колку гласови се потребни, изборниот законик треба да се промени со согласност на власта и опозицијата. Во оваа прилика, би препорачал нешто што е правило во Грција, а тоа е измените во изборниот законик да не се применуваат на следните избори, туку на тие после нив. Тоа ќе значи дека мора да се размислува за подолгорочни измени и дека внимателно треба да се менува изборниот законик. Сите изборни модели имаат предности и мани, а најголема критика на мнозинскиот изборен модел е дека фаворизира бипартизам и локални моќници да имаат предност. Клучниот недостаток во овој момент е фактот што пратениците немаат директна одговорност пред граѓаните и одговараат само пред лидерите. Клучно за зајакнување на легитимитетот на Собранието е да има отворени листи, така ќе се знае кој пратеник колку гласови добил, без оглед на која позиција е на листа со пратеници, дали втор, трет или последен. Мора да се изедначи тежината на гласовите во сите изборни единици, со актуелниот модел во една изборна единица за еден пратеник треба можеби 10.000 гласови, а во друга се избира со неколку илјади, што покажува дека немаме еднакво вреднување на гласовите во секоја изборна единица, анализира Клековски.
Министерот за правда Бојан Маричиќ пред два дена најави измени на Изборниот законик со кој ќе се воведе принципот на отворени кандидатски листи уште при првите локални избори што ќе се одржат наредната година. Со оваа најавена измена се согласија и од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и според нив отворените листи и една изборна единица претставуваат солидна основа за разговори за промена на Изборниот законик.
Помал број на изборни единици и минимален праг на потребни гласови кои би ѝ служеле на политичката застапеност во Собранието е реформата на изборниот процес која уште минатата година, пред најавата за предвремените парламентарни избори, ја поддржа претседателот Стево Пендаровски. Иницијатива тогаш до неговиот кабинет ја доставија неколку политички партии, а се однесуваше за реформа на изборниот модел преку измена на Изборниот законик.
И шефот на државата тогаш изјави оти смета дека во државава треба да има помал број на изборни единици, без праг или со минимален праг на потребни гласови, а тоа да биде во функција на проширување на политичкото претставување во Собранието.
Изборниот законик се менува со 61 глас, но воспоставена е пракса овој закон да се менува со консензус.