Ги прогласи за виновни Бесир Беља и Скендер Демири и ги осуди на по 19 години затвор.

Додека семејството Саздовски низ солзи ја слушаше пресудата, Алексовска образложи дека Беља и Демири, но и нивниот соучесник Јетон Љужа, треба да се соочат со казната оти биле свесни за последиците, брутално го нападнале Никола.

Му задале 16 удари со клоци и тупаници, го удирале и откако изгубил свест по што избегале. Па неприфатлива за судот била нивната одбрана дека станува збор за насилство, и дека падот врз кутија на ЕВН ја причинил смртта.

Убиството на сега покојниот Никола Саздовски е сторено на свиреп начин. Ова особено ако се има предвид дека од една страна обвинетите според д-р Александар Нацегиќ за време на сторување на делото биле свесни за своите постапки и можеле да управуваат со истите.

Биле свесни дека со своите дејствија на оштетениот му нанесуваат интензивни физички болки и страдања, а од друга страна покажале груба безобѕирност врз жртвата, непокажувајќи грижа за болката,стравот и страдањата.

Родителите на Никола велат дека колку и да е висока казната, синот да им се врати нема. Правдата од судот за нив е задоволена. На семејствата на осудените им порачаа да откријат каде се крие третиот осомничен кој е во бегство.

Семејството на осудените е незадоволно од пресудата. Правдата ќе ја бараат пред Апелација.

Судот досуди и Беља и Демири да му платат отштета на секој член на семејството на Саздовски од по околу 1 милион денари. Обвинетите го нападнале Никола Саздовски лани на 29 јуни на автобуската постојка кај Алкалоид во Автокоманда.

Никола паднал во кома и неколку дена подоцна им подлегна на повредите. Обвинетите избегнаа повисока казна бидејќи кога го сториле кривичното дело немале 21 година, за што законот за до таа возраст предвидува максимална казна од 20 години.