ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

По јајцата, маслото за јадење, млечните производи ќе поскапат и лебот и сувомесните

Сè е поскапено, јајцата, маслото за јадење, овошјето, сирењето… Не стивнуваат реакциите на граѓаните за зголемувањето на цените на храната во време на криза. Велат дека последнава година се зголемени цените на речиси сите основни прехранбени производи, кој по два, кој по три, а некои дури и повеќе од десет денари… И според статистиката за една година храната поскапела за 2,6 отсто. Тоа се забележува кај јајцата, овошјето, зеленчукот, а најмногу кај маслото чија цена порасна дури за 14 отсто. На едно четиричлено семејство во месецот му се потребни над 33 илјади денари за да ги покрие само основните трошоци.
Граѓаните се жалат дека и во време на пандемија кога на многумина платите им се намалија, а некои останаа без работа цените на храната значително се зголемија. Откако престана да важи забраната за зголемување на цените на основните прехранбени производи – леб, сол, масло, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини… која беше донесена на почетокот на пандемијата цените на храната не престанаа да растат.
-Сè е поскапено. Порано со 1.000 денари можев да наполнам неколку кеси и да купам храна за неколку дена, сега тие пари ги трошам за еден ден. Јајцата се покачени за повеќе од десет денари исто и маслото за јадење кое откако почна пандемијата два пати поскапе. Еве и овошјето и зеленчукот ни ги качија и сега иако е сезона на вируси и настинки не можеме да си дозволиме да си купиме поголеми количини, бидејќи ќе нема пари за друго, вели една купувачка во супермаркет.
Освен прехранбените производи граѓаните на социјалните мрежи реагираат дека кај некои производи освен што се покачени цените намалена е количината, на шеќерот, млекото, јогуртот…. Велат дека сега мора да внимаваат и на количината и да видат дали купуваат еден килограм или 900 грама.
-Секој втор ден давам по 2.000 до 3.0000 денари за храна само за основни работи за четиричлено семејство. По два дена повторно нема ништо за јадење и фрижидерот е празен. Не знам како ќе издржиме понатаму секој месец е сè потешко, а цените се повисоки. Да не зборуваме за другите трошоци за сметки, за витамини, за лекови…., вели Сања од Скопје.
Мелничарите не ја исклучуваат можноста за зголемување на цената на лебот поради растот на цената на пченицата која претходно се движеше од 11 до 13 денари за килограм, а сега е меѓу 14 и 15 денари со тенденција и натаму да расте. И компаниите од месната индустрија најавија драстични поскапувања на цените на сувомесните производи ако за еден месец не им се одобри увоз на редовно одобруваните количини од 6.400 тони замрзнато свинско месо.
Трошоците за храна растат секаде во светот. На глобално ниво најголем пораст има на цената на маслото кое поскапе за 19 отсто. Следни на листата се житариците, а најголем пораст има кај цената на пченицата од дури 6,6 отсто. Освен храната, минатата година поскапеа и алкохолот и цигарите, а според статистиката за оваа група производи трошоците се зголемени за над 5 отсто.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.