По минутата молк за загинатите, обвинетите продолжија со пцовки и навреди кон судиите
Со усно дообјаснување на веќе поднесените жалби на адвокатите на осудените за случајот „Диво насеље“ денеска и формално заврши Јавната седница.
За разлика од вчерашниот ден кој беше исполнет со тензии, со искажани навреди и пцости, денешниот ден мина во крајно мирна атмосфера, бидејќи во судницата на Врховниот суд беа спроведени само оние тројца обвинети кои не се согласија со мнозинството осудени, доброволно да го напуштат судењето, а присуството на полицијата беше сведено на нужен минимум.
Прв кој денеска ја образложи својата жалба беше скопскиот адвокат Еленко Миланов кој рече дека додека ја подготвувал одбраната каде треба да се лоцира грешката за овој случај и дека дошол до констатација дека таа треба да се бара во Јавното обвинителство коешто одлучило да избере исклучително тешка квалификација, односно да поднесе обвинение со кое обвинетите ќе се товарат за тероризам.
Миланов цени дека на оружениот настан од девети мај 2015. година му претходел претрес кој што требало да го реализира полиција и дека најблиску до кривично дело „тероризам“ имало по упадот на групата во полициската станица „Гошинце“.
Поседување на огнено оружје, униформи од ОВК, нелегален престој по куќи во „Диво насеље“, за Миланов не претставува тероризам и дека носењето на униформи и поседувањето на оружје не мора, нужно да значи дека тие дошле во Куманово со умисла да предизвикаат оружен судир.
Со тезата за непостоење на кривично дело тероризам, освен адвокатот Рауфи согласен е и неговиот колега Ибрахим Бајрами. За 24-часовната војна во Куманово, скопскиот кривичен суд, во октомври 2017. година изрече седум казни доживотен затвор, а 13 други лица беа осудени на по 40 години затвор, шестмина беа осудени на затвор од 20 години, еден доби 18 години затвор, а по двајца беа осудени на 13 односно 14 години затвор.