Почнаа геомеханичките истражувања на трасата на коридорот 10-д
Откако во петокот беше означен почетокот на изградбата на автопатот Прилеп – Битола, на терен машините веќе вршат подготвителни работи.
Оваа автопатска делница е со вкупна должина од 39,3 километри и ќе им го олесни движењето на граѓаните од Прилеп, Крушево, Битола, Могила, Новаци, Ресен, како и на сите останати што живеат или транзитираат низ овој регион.
Коридорот 10-д и Коридорот 8 се најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата држава. Со проектот е предвидена изградба на модерни автопатски делници на четири патни правци во должина од 110 километри, како дел од коридорите 8 и 10-д: автопатот Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и автопатот Прилеп – Битола.Предвидено е автопатските делници да бидат изградени во следните четири години и седум месеци, а изведувач на проектот е американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
– Овој проект е најзначаен во историјата на нашата држава и од причина што Коридорот 8 станува дел од мрежата на главните трансевропски коридори, за што веќе следната недела Владата на Република Северна Македонија и Европската Унија ќе потпишат анекс на договорот со кој Коридорот 8 се вклучува во главните коридори на Западен Балкан како дел од трансевропските мрежи на ЕУ – потенцираат од Владата.Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, вели дека со Коридорот 8, Владата не ја поврзува Општина Кичево, туку автопатот ќе заврши до Зајас, со што остануваат уште 16 километри до Кичево, кои нема да бидат опфатени во автопатското решение Гостивар – Букојчани.