ПОЧИНА УШТЕ ЕДЕН ПОВРЕДЕН ВО НЕСРЕЌАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ, БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ Е 15
Почина еден од повредените патници во несреќата кај село Ласкарци, кој беше во тешка состојба и се лекуваше на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Скопје. Со тоа, бројот на загинати во несреќата што се случи на 13 февруари кога автобус на компанијата „Дурмо турс“ излетал и се превртел на автопатот Скопје-Тетово, се искачи на 15.
„Утринава во пет часот, почина уште еден од патниците кои настрадаа во сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци. Станува збор за маж на возраст од 39 години. Патникот при несреќата добил тешки повреди на градниот кош и белите дробови и веднаш беш пренесен во болницата ‘8 Септември’. Но, поради сериозноста на повредите уште ноќта бил префрлен на КАРИЛ каде уште ште вечерта му се направени две операции поради големо крварење во белите дробови. За жал, поради сериозноста на повредите, тој утринава почина“, велат од Министерството за здравство .
Вчера, од 28 повредени во несреќата кои се лекуваа во Градската општа болница „8 Септември“ шест беа пуштени на домашно лекување. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека шест од повредените што се лекуваат во „8 Септември“ се во тешка состојба и се на интензивна нега, а двајца се на респиратор, додека пак на скопските клиники се хоспитализирани 8 повредени, од кои 4 во тешка состојба на КАРИЛ.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) уште работат на утврдување на причините за несреќата на автобусот кој возел на линијата Скопје-Гостивар. Според увидот, автобусот преминувајќи преку двете сообраќајни ленти излеталаод автопатот и се превртел во близина на стариот пат, а ОЈО кажа дека автобусот бил набавен во 2001 и последен пат бил регистриран во јануари 2019.