ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Почина вдовицата на Слободан Милошевиќ, Мирјана Марковиќ

Мирјана Марковиќ, вдовица на поранешниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ, почина во неделата во болница во Москва, објавија српските медиуми.

Според извештаите, Марковиќ неодамна неколкупати била оперирана во Русија, но нејзината здравствена состојба се влошила. Причината за смртта, не беше веднаш објавена.

Марковиќ му беше постојана политичка поддршка на својот сопруг Милошевиќ, кој ја одведе земјата во катастрофални војни во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Косово, кога во 1999 година НАТО ја бомбардираше Југославија и го принуди Белград да се повлече од Косово.

Некои сметаа дека Марковиќ всушност ја држела моќта во свои раце и дека била главен советник на нејзиниот сопруг. Во 1994 година, таа формира своја партија, Југословенска обединета левица, ЈУЛ, која беше на власт во коалиција со социјалистите на Милошевиќ.

Сегашниот лидер на Социјалистичката партија на Србија, СПС, српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, изрази сочувство поради нејзината смрт.

„Можеби не секогаш сме имале исти ставови, но јас ја почитував како сопруга на Слободан Милошевиќ“, изјави Дачиќ за српските медиуми.

Сепак, други ја потенцираат нејзината улога и поддршка на политиката на нејзиниот сопруг, за време на војните на Балканот.

„Таа беше интегрален дел од неговиот убиствен режим, и како и многу други, и таа избега од правдата и живееше свој живот во егзил во Русија“, напиша политикологот, Јасмин Мујановиќ, на Твитер.

Марковиќ ја напушти Србија и замина во Русија, каде доби политички азил, недолго откако нејзиниот сопруг беше префрлен во Хашкиот трибунал во 2003 година, за да му се суди за воени злосторства. Но, Милошевиќ почина пред да му биде изречена пресудата, во 2006 година.

Србија ги бараше Мирјана, нејзиниот син, Марко, и нејзината ќерка, Марија, за кривични дела почнувајќи од корупција, злоупотреба на службената должност, до нелегално поседување на оружје. Се верува дека тие имаат десетици милиони евра на странски сметки.

Интерпол издаде црвена потерница откако српските власти ја обвинија Марковиќ за злоупотреба на службената должност, со поттикнување и незаконско постапување. Но, Русија одби да ја екстрадира во Србија.

Апелацискиот суд во Белград, неодамна ја поништи пресудата со која Марковиќ беше прогласена за виновна за злоупотреба на службената должност, бидејќи влијаела врз распределба на државните станови, и случајот го врати на повторно судење.

Постојат наводи дека Марковиќ стоела зад убиството на познатиот новинар, Славко Ќурувија, извршено во Белград на 11 април 1999 година, што се смета за едно од најозлогласените убиства во ерата на Милошевиќ. Таа негираше дека е вмешана во убиството.

На 5 април Србија осуди четворица поранешни припадници на Државната безбедност за убиството на Ќурувија, но лицето или лицата кои ја дале наредбата за убиство на овој новинар, останаа непроцесирани.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.