Потпишан договорот за кинеските вакцини, деталите доверливи
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска го потпиша договорот за набавка на вакцини против ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“ со кој се обезбедуваат 200.000 дози вакцини што ќе пристигнат во текот на февруари, соопшти денеска Министерството за здравство (МЗ).
Според МЗ, точниот датум на пристигање и сите информации поврзани со испораката ќе биде утврден во следните денови, но планот за пристигнување и вакцинација веќе е готов.
Поконкретните податоци од Договорот остануваат доверливи, бидејќи, како што соопшти Министерството за здравство, се почитувала одредбата од договорот за тајност, а во согласност со глобална политика на сите компании за производство на вакцини, вклучувајќи ја и „Синофарм“.
„Изминатата недела се вршеа премери на волуменот на ладните соби за чување, а се вршеше и процена на капацитетите за складирање на целата количина. Овој тип вакцини имаат оптимален однос помеѓу безбедноста и ефикасноста, поради тоа може да се даваат на сите граѓани, без ограничување по која било основа. Конкретно за оваа вакцина на „Синофарм“, термините за вакцинација во ЈЗУ ќе бидат на 10 минути, по пациент. ЈЗУ ќе работат во две смени со цел да се постигне што повисока стапка на вакцинација на дневно ниво“, соопшти денеска МЗ.
Според Националниот план за вакцинација против Ковид-19, први ќе се вакцинираат здравствените работници од ковид-центрите, матичните лекари и останатите вработени во матичните ординации, вработените во итна помош и други здравствени работници опфатени во првата група од Фаза 1, како и возрасните граѓани над 70 години.