Потпишан анекс на договорот за автопатот „Кичево-Охрид“
Автопатот Кичево-Охрид ќе чини околу 600 милиони евра. Граѓаните ќе треба да платат дополнителни 187 милиони евра од првично предвидените поради лошата проекција на тунелот Пресека, но и поради тоа што во проектот не биле предвидени клучки и дополнителни патишта до локалните населени места. Владата го потпиша третиот анекс по една година преговари со кинеската компанија Синохидро.
По една година домаќински преговори успеавме да направиме заштеди од 95 милиони евра. Ако се продолжеше со реализација на договорот по старите цени дополнителните работи би чинеа 282 милиони евра, а со новите сега тој износ е 187 милиони евра, рече на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев
Од владата велат дека поисплатливо е да се дадат плус пари и да се заврши автопатот отколку да се прекине изградбата. Во тој случај земјава ќе остане без автопат, парите ќе пропаднат, а ќе треба да се исплатат и дополнителни пенали кон изведувачот.
– Година и половина водевме тешки макотрпни преговори со изведувачот за да овозможиме пониски цени и заштеди. Свесни сме дека дел од граѓаните ќе негодуваат за повторното задолжување на државата за доизградба на автопатот, но не постои друго рационално решение, рече Сугарески.
Вкупната должина на автопатот е 57 километри. Првично требаше да чини 411 милиони евра, а изградбата почна во 2014. Година.