Последен ден за кампања на Трамп и Бајден пред утрешните избори
И двајцата кандидати ќе застанат во Пенсилванија, која е една од најважните сојузни држави за одлучување на изборниот резултатВАШИНГТОН —
Денес е последен ден за претседателските кандидати во САД да ги убедат неопределените граѓани да гласаат за нив на утрешните избори.
Претседателот Доналд Трамп и поранешниот потпретседател Џо Бајден организираат настани во повеќе сојузни држави, кои ќе бидат меѓу најважните за одлучување на резултатот од изборите.
И двајцата ќе застанат во Пенсилванија, сојузна држава каде Бајден води во неодамнешните анкети, а каде Трамп победи во 2016 година.
Победникот во Пенсилванија заработува 20 од 270 гласови од Изборниот колеџ, кои му се потребни на кандидатот да обезбеди мандат од четири години во Белата куќа.
Покрај Пенсилванија, Бајден денес ќе биде и во Охајо, каде анкетите покажуваат дека двајцата кандидати се доста изедначени.
Трамп, пак, патува во Северна Каролина, каде трката, исто така, е тесна, како и во Мичиген и Висконсин каде, пак, Бајден води во неодамнешните анкети.
Резултатите од изборниот ден нема да бидат официјални и недели подоцна. Крајниот рок е различен низ сојузните држави, од кои некои треба да ги имаат резултатите една недела по изборите, додека повеќето ги очекуваат крајните резултати до крајот на ноември или почетокот на декември.