Пописот се одложува за еден-два месеци?!
Премиерот остава простор за одложување на пописот за еден-два месеци, но инсистира тој да се одржи. Тврди дека ништо драматично нема да се случи, а податоците и се потребни на државата за креирање на економската политика. Оваа промена на ставот доаѓа по изјавата на претседателот Стево Пендаровски, дека може да се направи компромис за пописот и двете спротивставени политички опции да си подадат рака, власта да се согласи пописот да се спроведе во мај или во јуни, а опозицијата да не го бојкотира.
Претседателот на Собранието, пак, за МИА вели дека за одложување на пописот е потребна политичка одлука која потоа ќе мора да се преточи во законско решение. Сепак, прашува на што би се засновал тој предлог и дали има некаква проценка дека во јуни или во јули ќе заврши пандемијата или состојбата ќе биде поинаква?
Од опозицијата и денеска побараа одложување на пописот за една година или целосно електронски попис.
Мицкоски денеска ја поднесе во ДИК иницијативата за собирање на потписи, со што ја почна правната процедура за укинување на Законот за попис.