ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Понудата на работа стандардна, а невработеноста се намалува!

За близу 28 илјади е намален бројот на невработените во државата во текот на минатата година, покажуваат официјалните податоци за Агенцијата за вработување за лицата кои бараат работа.

Годината стартувала со 158.681 лице кое активно бара работа, а во евиденцијата на Агенцијата на крајот на годината останале  безмалку 131 илјада.

Декемврискиот извештај покажува и месечен пад на бројот на работници кои го изгубиле работното место како директна последица на кризата предизвикана од пандемијата. Во однос на ноември кога имало 16.177 невработени како резултат на кризата, во декември бројот се намалил за стотина.

-Со состојба на 31.12.2021 година евидентирани се 16.073 невработени лица по основ на прилив од работен однос за кои престанокот односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот после 11.03.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од ковид -19 вирусот, информираат од Агенцијата за вработување.

Бројот на невработени практично се топеше речиси целата мината година, иако бројот на огласени слободни работни места не отскокнуваше од вообичаениот. За толкаво намалување на невработеноста не помогнаа ниту мерките од годишниот оперативен план за вработување, иако, како што вели министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, бил реализиран со 96,4 отсто. Со него биле опфатени 11.292 лица и вкупно се потрошиле околу 1,5 милијарди денари, од кои 593 милиони биле наменети за директно креирање нови работни места.

-Реализацијата на Оперативниот план во 2021 година покажа кои мерки се најатрактивни и за кои се покажа најголем интерес, и така врз основа на тоа се планира и планот за годинава кој е во завршна фаза, а е во износ од 28 милиони евра“, рече Тренчевска и појасни дека мерката самовработување е целосно реализирана, и со неа се вработени 1.877 лица.

Меѓутоа, кога е во прашање минатогодишното намалување на невработеноста, треба да се има во предвид дека се отворија границите, а понудите за работа во странство беа големи.

Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека од списокот на невработени лани биле избришани вкупно 6.313 лица. Од нив 3.161 се вработиле, а од списокот се тргнати и над 2.000 лица кои нередовно се пријавувале. Уште 840 невработени почнале да се пријавуваат како пасивни баратели на работа. Меѓу оние што се вработиле има и еден доктор на науки и 49 магистри.

Во текот на целата мината година нешто помалку од 4.000 лица се пријавиле како невработени, а од нив 546 во евиденцијата се нашле за прв пат, додека 2.400 лица претходно работеле.

Меѓу невработените 7.695 лица се сметаат за долгорочно невработени. Тие бараат работа подолго од осум години. Близу 25.000 чекаат работа до две години и тие се најбројни на списокот на невработените.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.