ПОЛЕСНО ПОВРЕДЕНИТЕ ПАТНИЦИ ОД АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛЕСКОВАЦ СЕ ВРАЌААТ ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ
Полесно повредените пациенти во автобуската несреќа во близина на Лесковац во соседна Србија се во подобра здравствена состојба и може да се вратат во Македонија, кажа министерот за здравство Венко Филипче.
„Утрово се чув со директорот на болницата во Лесковац, кој ме информираше дека повредените се во добра состојба и дека може да се вратат дома. Во текот на денот организираме транспорт“, рече Филипче.
Во болницата во Лесковац се хоспитализирани осум пациенти, а меѓу нив е и возачот на автобусот кој според информации од Влада е под постојан полициски надзор.
Во Клиничкиот центар во Ниш, каде беа хоспитализирани шест патници, кои беа потешко повредени, според Филипче, на еден веќе му е подобрена состојбата и утрово е префрлен од интензивна нега на одделение.
„На одделението за интензивна нега остануваат пет пациенти од кои двајца се на респираторна машина. Витланите параметри им се стабилни, нема никакви влошувања од пред два дена кога бевме во поета на пациентите и верувам дека и нивната состојба во натамошниот тек ќе се подобрува“, рече Филипче.
Во автобуската несреќа која се случи ноќта меѓу саботата и неделата во 1.40 часот во близина на Лесковац, кога се преврте автобус на струшката компанија „Еуробус“ на линија кон Виена, загинаа тројца патници, а 32 беа повредени. Од нив 14 беа хоспитализирани, а останатите по укажаната медицинска помош беа сместени во хотел. Во болницата во Лесковац се хоспитализирани осум повредени, а во болницата во Ниш меѓу повредените кои беа хоспитализирани во Лесковац беше и еден од возачите на автобусот, кој според вчерашните информации од генералниот секретар на Владата Драги Рашковски е под постојан полициски надзор.
Автобусот на „Еуробус“ во саботата во 19 часот тргнал од Битола, а во 19.30 часот минал низ Прилеп, и околу 1.40 часот во неделата наутро се преврте во близина на Лесковац. Според првичните информации несреќата настанала поради лошите временски услови, а според информациите од српските медиуми на возачот му е одреден притвор.