ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Познат евангелски весник напиша дека Трамп мора да замине и ги изненади сите

Mandatory Credit: Photo by Jacquelyn Martin/AP/REX/Shutterstock (10144004f) President Donald Trump speaks during a meeting with former U.S. hostage in Yemen, Danny Burch, in the Oval Office of the White House in Washington Trump, Washington, USA - 06 Mar 2019

Истакнатиот американски весник на христијанските евангелисти, „Христијанството денес“, се приклучи во повиците за разрешување на претседателот Доналд Трамп со жесток уреднички коментар објавен во четвртокот.

Претставничкиот дом во средата вечер изгласа да се отповика Трамп, со 230 гласа „за“ и 197 „против“.

Но оваа осуда на Трамп е доста неочекувана – христијанските конзервативци по правило се неговите најжестоки и најлојални поддржувачи, и покрај сите негови разводи, наводни неверства со порноактерка и други жени, наводи за сексуални напади, постојано лажење, одвојување на децата мигранти од нивните родители и сите други злодела што христијанската доктрина ги смета за грев.

„Американскиот претседател се обиде да ја искористи својата политичка моќ за да принуди странски лидер да малтретира и да дискредитира еден од политичките противници на претседателот. Тоа не е само кршење на Уставот, тоа е длабоко неморално“, напиша уредникот на „Христијанството денес“, Марк Гали.

Гали ја наведе осудата што неговиот весник му ја упати на Бил Клинтон кога го поддржа неговото отповикување во 1998 година, критикувајќи ја неговата „неможност да ја зборува вистината“ и „морално да ја води“ земјата.

И потоа поентира: „За жал, зборовите што ги употребивме за Клинтон пред 20 години речиси совршено може да се применат за сегашниот претседател. Дали Трамп ќе биде сменет од Сенатот или од народниот глас на следните избори – тоа е прашање на разумна процена. Но тоа дека треба да биде сменет е, веруваме, не само прашање на партиска лојалност, туку и на лојалност кон креаторот на Десетте заповеди“, заклучи уредникот на овој христијански весник.

Оваа осуда е особено невообичаена затоа што „Христијанството денес“ не е познато по тоа што се вклучува во политичката борба меѓу републиканците и демократите во САД.

Но, како што пишува „Њујорк тајмс“, малку е веројатно дека ова истапување претставува голема промена меѓу христијанската десница, бидејќи „Христијанството денес“ веќе подолго време е поблиско до политичкиот центар отколку до десницата, а популарните евангелски лидери остануваат цврсто зад Трамп.

„Татко ми би се срамел“, рече Френклин Греам, евангелски проповедник и син на покојниот Били Греам, кој во 1956 година и го покрена „Христијанството денес“.

„Тоа нема да смени ничие мислење за Трамп. Постои либерален елемент во рамките на евангелското движење. ‘Христијанството денес’ го претставува него“, додаде Греам, и самиот жесток поддржувач на Трамп.

Гали сепак се обиде да допре до евангелските приврзаници на Трамп што „продолжуваат да го поддржуваат и покрај неговата лоша морална евиденција“.

Веб-страницата во еден момент падна од навалицата кон статијата

„Сетете се кој сте и кому му служите. Ако сега не го смениме курсот, дали некој во наредните децении сериозно ќе го сфаќа она што го зборуваме за правдата и праведноста?“, се запраша уредникот на „Христијанството денес“.

Кога беше објавен, написот привлече толку многу читатели што во еден момент веб-страницата на весникот се блокира. Многу либерални христијани изразија олеснување и восхит кон овој став.

„Срцето на белиот евангелизам сфаќа дека неговиот пулс е слаб и дека постои болест во верата… Фактот дека им требаше толку долго време е нешто од што мора да учиме. Но драго ми е што истапија“, искоментира Лиза Шерон Харпер, претседателка на христијанската иницијатива за социјална правда Фридом роуд.

Сепак, белите евангелисти сепак со големо мнозинство се спротивставуваат на импичментот на Трамп. Дури 99% од белите републикански евангелисти во една неодамнешна анкета рекоа дека се против отповикувањето.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.