Повреда на избирачко право да се пријави на бесплатната телефонска линија 0800-54321
За пријавување на повреда на избирачко право, граѓаните ќе може да се обратат на бесплатната телефонска линија 0800-54321 во канцеларијата на Народниот правобранител. Телефонската линија ќе функционира на денот на предвремените парламентарни избори во периодот од 7 до 21 часот.
Отворени за граѓаните ќе бидат сите седум канцеларии на Народниот правобранител и тоа во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.
Покрај на бесплатната линија, граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на следниве телефонски броеви: Тетово: 044 344-082, Струмица: 034 329-996, Кичево: 045 228-586, Битола: 047 242-310, Штип: 032 389-701 и Куманово: 031 431-488.
„Народниот правобранител потенцира дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, а повредата на слободата на определување на избирачите и другите повреди на избирачкото право се казниви дела“,
соопштуваат од прес-службата на Народниот правобранител.
Оттаму апелираат во текот на изборниот процес да се почитуваат здравствените протоколи утврдени за начинот на гласање.