ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Период на предизвици за Ципрас

Оставката на министерот за одбрана го турка премиерот Алексис Ципрас во криза – или сепак не? Како и да е, левчарскиот политичар има добри шанси да добие доверба во парламентот.

Збогувањето беше кратко и безболно, но добро подготвено: по присуството на црковна богослужба вчера, министерот за одбрана, Панос Каменос, се појави на кризна средба со премиерот Алексис Ципрас. Разговорот траеше само четириесет минути. Во одделни изјави, и двајцата политичари си заблагодарија меѓусебно за соработката, па дури и делуваа и малку натажени дека е готово. Каменос на прес-конференција зборуваше за „историски ден” за неговата десничарска популистичка партија АНЕЛ, тврдејќи дека нема друг избор освен да ја напушти владата. Причина: неодамнешниот компромис во македонскиот спор, кој Ципрас енергично го поддржува и сака што е можно побргу да го поднесе на гласање во грчкиот парламент.

Каменос истакна дека отсекогаш велел оти во спорот за името со северниот сосед, не прифаќа никаков компромис што го вклучува терминот „Македонија”. Сега , како што кажа, сака да апелира до „сите патриотски сили” да ја поддржат неговата партија, за да се спречи компромисот со северниот сосед. Во итен случај, Каменос истакна дека ќе се обрати и до Врховниот управен суд на Грција, па дури и ќе ги изнесе своите приврзеници на улица.

Десничарскиот популист го обвини поранешниот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, кој беше вклучен во постигнувањето на Договорот за Македонија, дека „се откажува од националниот суверенитет”. Коѕијас пак вчера во интервју истакна дека Каменос требало „да си замине уште порано“.

Гласање за доверба на вледата веќе неделава

А што вели шефот на владата? По средбата со Каменос, Ципрас рече дека сака да побара гласање за доверба на владата во наредните неколку дена. Во вторник, треба да започне дебатата во парламентот , а најдоцна до четвртокот вечер, да биде познат резултатот. Владејачката левичарска партија Сириза на Ципрас има само 145 од вкупно 300 пратеници. Сепак, Ципрас се чини е оптимист дека ќе го добие потребното мнозинство – веројатно со гласовите на независните пратеници, па дури и на отпадниците од АНЕЛ. Оваа опасност, исто така, се чини дека ја препозна и лидерот на АНЕЛ Каменос: „При гласањето за доверба, секој ќе гласа за она што смета дека е правилно и обврзувачко. Но ако некој сака да го замени својот глас за функција во владата, тогаш тој ќе биде исклучен од партијата“, предупреди Каменос на неговата вчерашна прес-конференција

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.