Пензионерите и вработените нема да смее да имаат тезга!
На две недели пред да стапи во сила новиот закон кој треба да го регулира работењето на зелените пазари, пазарџиите бараат законското решение да се одложи. Задоцнето или не, пазарџиите пред една недела му испратиле барање на министерот за економија Крешник Бектеши за корекции во текстот на законот. Доколку законот почне да се применува од први јануари 30% од пазарџиите нема да имаат право да користат тезга.
„Сега или од јануари 2019 е невозможно на зелените пазари да тргуваат лица кои остваруваат приход по основ на пензија, лица кои остваруваат приход по основ на работен однос, договор на дело или и општата формулација на трговци-поединци. Досега тие можеа, отсега со новиот закон тие нема да можат да имаат право на тргување на зелените пазари“, рече Даниела Михајловска – Василевска, Стопанска Комора.
Од Министерството за економија потврдуваат дека го добиле барањето на пазарџиите за одложување на законот. Но, министерот сè уште не ги ни видел барањата бидејќи вчера се вратил од службен пат од САД, велат за Алсат од неговиот кабинет. Тоа ќе го сторел утре, па подоцна ќе им одговорел. Инаку, спорни членови во законот пазарџиите сметаат дека има одредбата каде се наведува кој сè може да врши закуп на тезги.
„Да му се овозможи на трговецот што е носител на лиценцата да може да ја пренесе легитимацијата на член на потесното семејство доколку од објективни причини биде спречен да ја врши дејноста. Да се предвиди со една издадена легитимација да се закупат повеќе тезги во ист пазар во иста општина“, додава Михајловска – Василевска.
И натаму најголем проблем на оваа дејност е нелојалната конкуренција. Бројот на дивите пазарџии од месец во месец расте и кај добар дел од пазарите тие земаат речиси половина од заработката на регистрираните трговци.
Инаку, бројот на пазарџии во Македонија е во континуиран пад, а во моментов тој изнесува нешто над 20 илјади лица, а многу тезги зјаат празни.