Пендиков дојде во суд, но судењето се одложи

„Не се плашам, но не е убаво чувството кога добивам по 20,30 смртни закани и навреди ” рече Пендиков во изјава за медиумите откако денеска за првпат се појави на судењето во охридскиот суд.
Судењето за поранешниот секретар на згаснатото бугарско здружение започна утринава со доставена нова медицинска документација од клиника во Бугарија, но се одложи набргу бидејќи одбраната побара време за да ја проучи и да се произнесе по истата. Судијата Бојан Мартиноски тоа не го дозволи, па адвокатите ја напуштија салата поради што судењето не можеше да продолжи. Новиот датум е 12 јули, но Пендиков не знае дали тогаш ќе дојде оти вели дека уште има здравствени проблеми.
Неговиот адвокат информираше дека Пендиков вчера пред охридското Oбвинителство дал исказ и кажал дека во нападот врз него учествувало уште едно лице од Битола.
Адвокатот на обвинетиот Илија Спасески пак смета дека чинот на напуштање на расправата во Судот во Охрид за случајот „Пендиков“ е знак на револт и основно право на одбраната затоа што побарал да ги има сите докази на разгледување, вклучувајќи ги и измените во извештајот од медицинското вештачење.
Пендиков денеска дојде од Бугарија откако таму беше однесен со специјален авион на лекување. Во меѓувреме, доби и бугарско државјанство. Тој беше и секретар во бугарското здружение „Цар Борис III“.
Обвинителството поднесе обвинение против Илија Спасески, инаку наставник по професија, а уште едно лице кое учествало во тепачката и трето лице кое гледало и било сведок на настанот, не се достапани за органите на прогонот.