Пендаровски прогласи вонредна состојба уште 30 дена
Нова вонредна состојба од 30 дена прогласи Националниот совет за безбедност на чело со шефот на државата Стево Пендаровски.
Ваквата одлука беше очекувана по актуелните случувања со коронавирусот во земјата и доаѓа како резултат на барањето на седницата на Влада од 14 април кога Владата побара шефот на државата да ги разгледа опциите и следните чекори кои кореспондираат со актуелните случувања со Ковид 19.
Во врска пак со ситуацијата во Куманово, шефот на државата смета дека ќе треба да се стави посебен фокус и внимание со дополнителни ресурси.
Поради последните случувања таму со новоинфицираните 40 меѓу кои и градоначалникот Максим Димитриевски денеска на седницата на Советот кај шефот на државата не присуствуваше техничкиот премиер Оливер Спасовски и министрите Османи и Филипче бидејќи тие вчера присуствувале на состанокот на општинскиот кризен штаб во Куманово и биле во друштво на кумановскиот градоначалник. Тие се ставени во самоизолација.
Претседателот Пендаровски пак смета дека по празниците веќе ќе треба да се размислува за постепено и фазно враќање на економските субјекти и како што посочи мора да почнеме да се навикнуваме да живееме со короната.
Првпат вонредна состојба во земјата шефот на државата прогласи на 18-ти март кога во земјата тогаш имаше 41 случај на инфицирани.
Првиот случај на заразен со коронавирус во земјата беше регистриран на 26 февруари, а првиот полициски час на територијата на цела држава пак беше воведен на 22. март.