Пендаровски – нема правна држава ако не се гонат и „криминалците“ од власта
Неколку клучни пораки поврзани со случајот “Рекет” упати македонскиот претседател Стево Пендаровски. Тој изрази разочарување од тоа што обвинителите отишле на одмор, а покрај кривнично – правна побара и политичка одговорност од политичарите.
Критики до надлежните за расчистување на случајот “Рекет” и четири барања до нив, како и порака и за политичка одговорност на политичарите, упати претседателот Стево Пендаровски во пладневното обраќање од Вила Водно.
Неколку дена по објавите на аудио и видео снимките на порталот на италијанскиот весник “Ла Верита”, шефот на државата го повтори тоа што го кажа за специјалната обвинителка Катица Јанева и по приведувањето на Бојан Јовановски и Зоран Милески.
„Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата „Рекет” го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а, не е така“, рече Пендаровски, прецизирајќи дека мисли на судско-обвинителски делови од системот, а не на политичарите.
Нови аудио снимки за Рекет: Боки 13 за прв пат го спомнува Заев
Меѓу четири точки тој ги наброја – ефективното, брзо и темелно завршување на истрагата, се обврза дека ќе ги употреби сите овластувања за да ги заштити судиите и обвинителите од притисоци, побара, ако има докази, да се поднесат обвиненија против сите инволвирани, без разлика дали се на функција или не, а рече и дека покрај кривично-правната инсистира и на политичка одговорност.
„Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти“, рече претседателот Пендаровски.
И додека владејачката СДСМ секојдневно го доведува во прашање авторот на текстот во италијанскиот весник со првиот опозиционер Христијан Мицкоски, шефот на државата вели: “треба да ни биде помалку битно кој ги набавил или кој ги дистрибуирал снимките, од тоа дали содржината на разговорите е вистинита или нe”.
Тимоние за “Рекет”- да се покаже дека времето на неказнивост е завршено
Пендаровски и покрај актуелното разочарување од Јанева рече дека СЈО, позиционирано внатре во системот на редовното јавно обвинителство, треба да продолжи да ги истражува криминалите на власта, нагласувајќи дека нема правна држава ако власта ги гони само криминалците на предходната власт, а не и криминалците во своите редови.
И според последните негови контакти со како што ги нарече “пријателите од Брисел” расположението кон земјава која очекува датум за почетокот на преговорите со ЕУ не е битно променето во главните градови на земјите-членки. Пендаровски, сепак, нагласи дека не смее да им се даде повод да го блокираат нашиот напредок кон ЕУ и затоа рече деламора брзо да се расчисти аферата.