ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Пендаровски: Економскиот развој мора да биде стратешки приоритет

Економскиот развој на земјава мора да биде стратешки приоритет и затоа сакам да ставам акцент на економската дипломатија, истакна претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на денешната работна средба со претставниците на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).

Пендаровски пред членовите на СКСЗМ рече дека освен дипломатската компонента, на неговите меѓународни посети ќе биде застапен и економскиот аспект.

– За сите меѓународни посети бизнис заедницата ќе биде навремено информирана, додека Кабинетот ќе има постојани контакти и соработка, за да можат да се пренесат нивните ставови, што ќе подразбира подобрување на економските релации, истакна Пендаровски.

Тој порача дека во дипломатско-конзуларните претставништва е потребен и добар персонален состав и тим што се разбира во реална економија.

Економските промотери на претходната  Влада ја чинеа државата многу пари, а не ги вратија очекуваните инвестиции. – Одлуката на тогашната Влада беше екномските промотори да одат по фирми да оставаат визит картички и да објаснуваат за економската состојба во земјата. Ефектите од овие економски промотери се нула и без никакви ефекти, рече Пендаровски.

Пред шефот на државата на средбата беше претставена работата, структурата и активностите на Комората.

Стопанствениците во оваа прилика побараа од Пендаровски поголема стабилност во постапката на носење закони, поголема промоција во странство и нивно вклучување во процесот, поголема промоција на бизнис заедницата во странство, но и вклучување во процесот на одликувања за остварени придионеси во општеството.

Пендаровски посочи дека како претседател нема да потпише ниту еден указ за закон ако не е во интерес на бизнис заедницата бидејќи, како што рече, лошите закони го кочат бизнисот.

Претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа истакна дека како Стопанска комора секогаш биле и ќе продолжат да бидат транспарентен и коректен гласноговорник на бизнис заедницата во Северна Македонија преку покренување на проблемите со кои се соочува бизнис заедницата, но и да нудат решенија за проблеми.

– Политиката не создава раст на економијата, но создава околности и услови за реалниот сектор да создава вредност што резултира со економски раст. Затоа, треба да се создаваат услови за фер и неселективна примена на законите, односно владеење на правото, соработка помеѓу бизнис заедницата и надлежните институции за донесување на економски политики кои имаат за цел создавање на поголем економски амбиент, рече Хоџа.

Говорејќи за последните случувања со рекетирањето на бизнисмените, првиот човек на СКСЗМ ги оцени за скандалозни и побара остро да се примени законот. Тој апелираше до бизнисмените доколку се најдат во ваква ситуација да се обратат во Комората за да се да се надминат проблемите на институционален и транспарентен начин.

Претседателот Пендаровски досега има остварено средби со Стопанската комора на Македонија и со Сојузот на стопански комори на Македонија.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.