Партиите веќе тргнаа во лов на гласови
Уште изборите не распишани, партиите тргнаа во лов на гласови. Денеска од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека од понеделник партискиот караван под мотото „Обновата пред вашиот дом“ тргнува во посета на сите населени места низ Македонија. Заев и СДСМ се виновни за поразите, измамите и криминалот, на 12 април следува одговорност, рече генералниот секретар Игор Јанушев.
„…Ќе се погледнеме очи во очи со граѓаните и ќе си кажеме дека Македонија има и шанси и надеж и дека обновата доаѓа. Тука сме за граѓаните заедно да победиме за ова зло никогаш да не се повтори, Зоран Заев никогаш повеќе“, рече Игор Јанушев, ВМРО-ДПМНЕ.
И СДСМ во кампања. Денеска во партискиот двор организираше хуманитарен базар. Во духот на солидарноста и хуманоста заедно да градиме фер општество за сите, рече Заев повикувајќи ги присутните да донираат средства за бездомните семејства во згрижувачкиот дом во Визбегово.
„Ваквите социјалдемократски вредности во овој период на празници, треба да го отвориме срцето и да им помогнеме рака и меѓусебно да си помогнеме. Преку купување на пијалок и производите и преку донации во кутиите или купување на реквизитите, дека директно им помагаме на овие наши сограѓани на кои навистина им треба помош“, рече Зоран Заев, Претседател на СДСМ.
И пред некој ден ДУИ ја стартуваше кампањата и тоа од скопски Чаир. Високи партиски претставници вршеа увид во проширувањето на Пластичарската улица и во Старата скопска чаршија. Паралелно со партиските кампањи, се преговара и за предизборни коалиции. Алијансата за Албанците најави дека нареднава недела веќе ќе се знае со која партија ќе коалицира.
Се надева дека коалицијата ќе биде трипартитна и во неа ќе се најдат и БЕСА и Алтернатива. За идната предизборна коалиција на чело со СДСМ Заев вели дека разговорите веќе ги започнал и со партиите со кои веќе е во коалиција, но и со другите опозициски партии и од македонскиот и од албанскиот политички блок.
„Водам демократска партија и одлуките од ваква содржина и суштина ги носат органите и телата на партијата и јас не би можел да кажам на што сме спремни или не, но можам да кажам дека сум подготвен да разговарам со сите“, додава Заев.
ДУИ веќе се изјасни, на изборите ќе настапат самостојно. Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека се во контакт и разговори со партиите од опозицискиот албански блок. Мицкоски неодамна рече дека не гледа пречка за предизборно коалицирање, но и за можноста самостојно да настапат на изборите.