ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Пакет од 160 милиони евра помош за плати, ликвидност и директно за граѓаните – се намалуваат царини и парафискални такси, се одложуваат неколку јавни давачки…

Петтиот антикризен пакет се состои од 29 мерки распоредени во четири столба

Вкупно 9,7 милијарди денари или 160 милиони евра тежи петтиот економски антикризен пакет. Тој содржи 29 мерки, распоредени во четири главни столба: директна финансиска поддршка за компаниите во туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани со цел задржување на работните места; финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити со неповратна компонента креирање поповолно деловно опкружување со системско редефинирање на Царинскиот тарифник; намалување на парафискалните давачки, даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки; како и директна помош за граѓаните.

Премиерот Зоран Заев, кој на прес-конференција во Владата го претстави новиот пакет финансиска помош од Владата, рече дека поддршката од повеќето мерки ќе се користи до крајот на 2021 година за да имаат влијание и ефект врз економијата.

„Мерките ќе го заокружат процесот на директна поддршка, со што преминуваме во фаза на излез и закрепнување од кризата. Тоа значи дека доаѓаме повторно во време на стабилност и развој, состојба која со овие мерки дополнително очекуваме да се стимулира. Со кредити со ниски камати и преку системски мерки согласно планот за раст на среден и долг рок, ќе биде поддржана економијата во целина. Очекуваме посериозни стапки на раст на БДП во вториот квартал на 2021 година“,

рече Заев.

Според Владата, овој пакет директно се надоврзува на претходните четири и има за цел да ја придвижи економијата кон нам познатите стапки на раст од 4-5 проценти, односно на динамиката на раст од пред пандемијата.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.