Падот на Ципрас нема да значи пораз на Заев
Дури и ако се смени составот на владата во Атина, ние не треба да се плашиме од какви било блокади за НАТО од грчка страна. Затоа, пак, треба да очекуваме голем број сопки, опструкции и замки на нашиот пат што води кон членство во ЕУ, предупредуваат аналитичарите.
Партијата на грчкиот премиер Алексис Ципрас скапо ја плаќа цената за Преспанскиот договор. Тоа најдобро се виде на последните избори во Грција – европски и локални – кога Сириза доживеа тежок пораз речиси на целата територија на нашиот јужен сосед. Грчкиот премиер сега се наоѓа пред уште една тешка битка. Лошите резултати од изборите практично го принудија да распише предвремени парламентарни избори, кои ќе се одржат на 7 јули годинава, а на кои, според анкетите, најголеми шанси за победа има опозициската Нова демократија на Кирјакос Мицотакис.
Домашните аналитичари ја смируваат топката и тврдат дека евентуалната промена на власта во Грција нема радикално да влијае врз постигнатиот компромис помеѓу двете земји, иако, како што предупредуваат, можно е да дојде до одредено заладување во преговорите за историјата и за трговските ознаки каде што Македонија ќе биде принудена да направи отстапки. Според експертите, Договорот од Преспа е веќе завршена приказна и во Македонија и во Грција. Ако, евентуално, Ципрас доживее пораз на парламентарните избори, единственото што би можело да се случи е промена во однесувањето на државниот врв во двете земји. Како што коментираат аналитичарите, дури и ако се смени составот на владата во Атина, ние не треба да се плашиме од какви било блокади за НАТО од грчка страна. Затоа, пак, појаснуваат тие, треба да очекуваме голем број сопки, опструкции и замки на нашиот пат што води кон членство во ЕУ.
Од друга страна, сите смирувачки тонови како да паѓаат во вода кога ќе се слушнат офанзивните и контроверзни изјави на грчкиот опозиционер Мицотакис, кој постојано повторува колку Преспанскиот договор е штетен за грчките интереси, иако, како што вели, тој е правно обврзувачки. За да биде уште поинтересно, во интервју за белгискиот весник „Ле Соар“, Мицотакис изјави дека кога ќе дојде на власт, дефинитивно ќе го искористи правото на вето за пристапување на Македонија во ЕУ.
– Ќе ја разгледуваме ситуацијата како што ќе се развива. Знаете дека, за жал, ако стриктно се толкува Преспанскиот договор, нашата земја нема можност да стави вето на отворањето на пристапните разговори со соседната земја. Но, очигледно, ние имаме можност да ставиме вето за време на разговорите по 35-те поглавја – изјави Мицотакис.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас, пак, истакна дека е горд на Договорот од Преспа без разлика на резултатите од претстојните парламентарни избори, иако признава дека политичката цена ја платил премногу високо.
– Донесовме тешка политичка одлука што не се осмели да ја донесе ниту еден мој претходник. Таа одлука беше спротивна на струјата на популизмот, имаше големо влијание и висока политичка цена во цела Грција, но јас сум горд на сето тоа. Ние не загубивме никаква Македонија, а не само што не загубивме, туку се надгради и престижот на земјата – истакна Ципрас.
Дополнителни позитивни вибрации пристигнаа и од претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан Клод Јункер, кој истакна дека воопшто не е загрижен за тоа дека евентуалната промена на власта во Грција ќе има какво било влијание врз Преспанскиот договор.
– Договорот од Преспа е официјален договор меѓу двете земји. Тој беше постигнат помеѓу две држави, а не помеѓу две влади. Владите се институции на државата – изјави Јункер на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев во Брисел.
Одговарајќи на истото прашање, пак, премиерот Заев рече дека придобивки од Преспанскиот договор имаат двете земји еднакво. Сепак, евентуалната промена на власта во Грција нема да претставува единствена можна пречка на патот на Македонија кон европското семејство. Земјава доби позитивен извештај и препорака за почеток на преговорите, но сè уште е неизвесно дали ќе почнат тие преговори со оглед на тоа што други земји-членки на ЕУ се противат на проширувањето. Таков е примерот со Франција, која сака да го забави процесот на проширување, а сличен е ставот и на Христијанско-демократската унија на германската канцеларка Ангела Меркел, која соопшти дека е против брз почеток на преговори за членство на Македонија и на Албанија и оти одлуката веројатно ќе биде донесена во октомври годинава.