Османи: Како претседавачи со ОБСЕ ќе се посветиме и на превенција на потенцијалните конфликти
Руската агресија на Украина бесрамно ја нарушува европската безбедносна архитектура и основите и вредностите на кои се базира ОБСЕ и претставува закана за мирот на целиот европски континент и пошироко, изјави денеска во Виена министерот за надворешни работи и актуелен претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.
– Наша прва мисија и цел е да повикаме на итен прекин на агресијата, запирање на страдањето на луѓето на терен, повлекување на сите трупи и повторно обврзување на принципите и вредносните на оваа Организација, изјави Османи по официјалното преземање на претседавањето со Организацијата на заедничката прес-конференција со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.
Запрашан за тоа дали е можен договор за мир во Украина додека на власт во Москва е Владимир Путин, Османи изјави дека кој ќе ја води Русија е прашање за кое треба да решаваат руските граѓани и дека Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ стриктно ќе се придржува на принципите на Организацијата, ќе ја продолжи комуникацијата со сите земји членки и нема да ги прекршува принципите што треба да ги штити.
– Моја порака до Русија, како една од земји членки на оваа Организација, е дека мора веднаш да ја запре агресијата и да се врати на почитување на принципите на кои се обврза кога се формираше ОБСЕ и да го спречи страдањето на луѓето на терен, истакна Османи.
Тој посочи Украина ќе биде приоритет на земјава за време на претседавањето со ОБСЕ, но дека таа исто така ќе се посвети и на другите тензични региони и на превенција на останатите потенцијални и латентни конфликти како Ерменија и Азербејџан, Молдавија и Придњестровје и Косово и Србија.
Кога станува збор за тензиите во Југоисточна Европа, Османи истакна дека Северна Македонија која потекнува од тој регион ќе се потруди да ги пренесе своите искуства за развој на мултиетничката демократија и со тоа да придонесе за зајакнување на регионалната безбедност и мир.
– Внимателно ги следиме случувањата на северот на Косово, ги повикуваме двете страни да продолжат со комуникацијата и дијалогот и го охрабруваме посредувањето на ЕУ во дијалогот меѓу Србија и Косово, истакна Османи, додавајќи дека ОБСЕ ќе ги понуди услугите и капацитетите на својата мисија во Косово за поддршка на тој дијалог.
Османи нагласи дека подеднакво внимателно треба да се следат сите потенцијални конфликти во Европа, кои можат да ескалираат поради различни политички агенди, вклучително и на Западниот Балканот.
– На Западниот Балкан има отворени прашања кои имаат потенцијал за ескалација и затоа е важно да работиме на мотивирање на регионот да го продолжи патот кон европските интеграции, што се покажа дека е најсилната движечка сила за придвижување на регионот напред и е воедно најголемата кохезивна алатка за спречување на конфликтите наративи. Секако тука има место и за ОБСЕ, истакна Османи, потсетувајќи дека првата мисија на ОБСЕ беше токму во земјава и дека таа е пример за успешна приказна, што може да служи за пример и во други држави.
Шмид, од своја страна, нагласи дека клучна задача на ОБСЕ е поддршката на Украина и на луѓето кои страдаат како последица на руската агресија, што ќе е целата на новата програма за поддршка, но исто така и да им се помогне на соседните земји врз кои влијае украинскиот конфликт. Таа потсети дека ОБСЕ всушност е формирана во време на Студената војна со цел да се превенираат можни конфликти и да се намалат тензиите во Европа.
– Нема дилеми дека се прекршени некои од основните принципи на Хелсиншката декларација со нападот врз Украина, рече Шмид.
Таа нагласи дека треба да се седне на заедничка маса и да се одржуваат отворени каналите за комуникација, но треба и да се преземаат мерки, посочувајќи како пример дека помалку од 10 дена по почетокот на руската агресија врз Украина, 45 земји членки на ОБСЕ го усвоија т.н. „Московски механизам“ со цел да се утврдат прекршувањата на човековите права на терен.
Во врска со тројцата задржани членови на Мисијата на ОБСЕ во Украина во април минатата година, Шмид изјави дека не може да даде детали, но нагласи оти се користат сите можни формални и неформални канали за комуникација за нивно ослободување.
– Јасно посочивме дека тие треба да бидат ослободени и дека уживаат имунитетот како официјални претставници на ОБСЕ. Тоа го повторивме многу пати. Тие се задржани пред седум месеци и се држат во непознати услови, што ја зголемува нашата загриженост за нивната состојба. Во контакт сме со нивните семејства и ги известуваме за тоа што го преземаме. Ве уверувам дека моја примарна цел е нивно безбедно ослободување, додаде Шмид, без да прецизира која страна во конфликтот ги задржала членовите на мисијата на ОБСЕ.