ОРБАН: ДА НЕ НИ ГО ЗЕМЕА МОРЕТО – ЌЕ ИМАВМЕ ПРИСТАНИШТЕ; ЗАГРЕБ БАРА ОБЈАСНУВАЊЕ
Унгарскиот амбасадор во Хрватска беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи, откако премиерот на Унгарија Виктор Орбан изјави дека на неговата земја и било „одземено морето“. Истовремено, и хрватскиот амбасадор во Будимпешта побара објаснување од унгарските власти на изјавата на Орбан.
На средбата со претседателката на Еврокомисијата Урсула фон дер Лајен, на која разговараа за предложеното ембарго на руската нафта – на што Будимпешта се противи, Орбан рекол дека неговата земја не би имала проблем со забрана на увозот на руска нафта доколку не им било „одземено морето“, алудирајќи на хрватското крајбрежје, чии делови некогаш беа дел од Унгарија.
– Оние кои имаат море и пристаништа можат да носат нафта на танкери. Да не ни го земеа (морето), ќе имавме пристаниште, изјави Орбан во интервју за унгарското државно радио минатиот петок, пренесе Политико, појаснувајќи дека Орбан мислел на јадранскиот брег.
„Хрватска ја осудува изјавата на унгарскиот премиер. Ги осудуваме сите територијални претензии кон соседните земји“, соопшти хрватското Министерство за надворешни работи.
Од хрватското Министерство посочуваат дека ваквите изјави непотребно ги нарушуваат меѓудржавните односи.