Омикрон сѐ уште не е откриен во Македонија, не бил ниту тестиран, ќе го „ловиме“ пред Нова година

Зависно од бројот на доставените примероци, на анализа може да се почека и неколку недели, па ќе видиме дали овој сој ќе биде „уловен“ кај нас пред Нова година.
Институтот за јавно здравје на РСМ сѐ уште не го тестирал сојот омикрон со последното секвенционирање на примероците од минатиот месец, бидејќи тогаш овој сој се уште не беше откриен. До Нова година се очекува да се прави нова анализа дали оваа варијанта е присутна и кај нас.
– Досега во лабораториите на Институтот за јавно здравје овој сој не е баран во примероците, па нема одговор на прашањето дали веќе сме го „увезле“. Правени се секвенционирања на 48 материјали во ноември и кај сите е присутен само делта-сојот. Ги немаше делта-плус и омикрон-сојот, ќе треба да почекаме за следното секвенционирање овој месец – вели д-р Драган Кочински, епидемиолог од Институтот.
Зависно од бројот на доставените примероци, на анализа може да се почека и неколку недели, па ќе видиме дали овој сој ќе биде „уловен“ кај нас пред Нова година.
Европските земји регистрираат речиси 2 милиони нови случаи во последнава недела, а новиот сој е откриен во повеќе од 50 земји во светот.
На онлајн-средбата денеска, организирана од НВО Инфоцентарот, на која и преку инфографици беа презентирани информациите за ковид-пандемијата, освен нашите лекари, говореа и претставници од Светската здравствена организацијa(СЗО).
– Европскиот регион е епицентар на пандемијата последните недели. Повеќе од 20 земји пријавиле дека го пронашле омикрон-сојот, најчесто преку увезени случаи, но и преку локално пренесување, изјави рече Михаела Хегелман-Линдеркрон од СЗО.
Во Македонија досега има 7.688 смртни случаи од ковид-19, а според информациите објавени на инфографиците на ИЈЗ, починале и седум родилки и 24 здравствени работници.
Повторно се заразиле со ковид-19 вкупно 964 лица, а по третпат од корона заболеле две лица. Околу 25 отсто од заразените претходно контактирале со друго заразено лице, а осуммина од повторно заразените починале.
Најновиот извештај од Институтот за јавно здравје обелоденува и дека ковид-19 бил фатален за три од сто заболените лица кај нас, а секој десетти завршил во болница со тешка форма на болеста.