ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

ОД ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ ДЕЦА ОД 12 ДО 16 ГОДИНИ, И ТОА СО „ФАЈЗЕР“, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

Од понеделник ќе се дозволи вакцинација против ковид-19 за деца од 12 до 16 години, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче. Оваа популација ќе може да ја прими вакцината на „Фајзер“, како што рече министерот, со оглед на препораката од внатрешното упатство од производителот.

Министерот Филипче денеска заедно со академик Александар Димовски од Центарот за генетско инженерство и биотехнологија „Ѓорѓи Ефремов“ при МАНУ, говореа за делта сојот на ковид-19 во земјава и апелираа на што помасовна вакцинација, оти како што велат, вакцините спасуваат од тешка клиничка форма на болеста.

Во земјава веќе се регистрирани 7 случаи на делта сојот на ковид-19, според Филипче, станува збор за два пара семејства, кои немале премногу контакти и затоа според него, ситуацијата во земјава е мирна и засега нема потреба од нови рестрикции.

До крајот на неделава ќе се сретнат со Комисијата за заразни болести и ќе разговараат за воведување на рестрикции, евентуално би станало збор за тестови и потврди за вакцини кои ќе се бараат на границите за влез во земјава.

„Вакцинацијата спречува тешка форма на болеста. Дури и да е некој вакциниран и се зарази, ќе помине со блага клиничка слика и еден ден температура, а тоа не е од големо значење за здравствениот систем. Нема потреба да се затвора државата“, рече академик Димовски, додавајќи: „Јас сум оптимист со искуство, уште година две ќе се занимаваме со ова заболување, но се надевам дека нема да биде во онаа форма која беше“.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.